Денеска, 24 мај, се одбележува Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј – празник посветен на браќата кои со својата мисија, образование и создавање на првата словенска азбука оставија траен печат врз историјата, културата и духовниот развој на словенските народи.
Светите браќа Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се сметаат за едни од најзначајните личности во словенската и христијанската историја. Поради нивната огромна улога во ширењето на писменоста и христијанството меѓу словенските народи, тие ја добиле титулата „Апостоли на Словените“.
Нивното најголемо дело е создавањето на глаголицата – првата словенска азбука, која овозможила превод на светите книги на старословенски јазик и им овозможила на словенските народи богослужбите да ги слушаат и разбираат на својот мајчин јазик.
Свети Методиј бил постариот брат и како византиски офицер поминал околу десет години меѓу македонските Словени, што му овозможило одлично да го запознае нивниот јазик и начин на живот. Подоцна се повлекол во манастир на планината Олимп, каде што му се придружил и неговиот помлад брат Константин, кој по замонашувањето го добил името Кирил.
Кирил бил познат како исклучително образован човек и филозоф, поради што бил нарекуван и Константин Филозоф. Благодарение на неговата ученост и познавање на повеќе јазици, заедно со Методиј бил испратен во важни дипломатски и верски мисии.
Историските записи покажуваат дека во средината на IX век царот Ростислав од Голема Моравија побарал од Византија учители кои ќе го шират христијанството на словенски јазик. Токму тогаш започнала нивната голема мисија.
Кирил и Методиј заминале во Моравија каде што почнале да ја шират христијанската вера, да ги преведуваат светите книги и да создаваат ученици кои подоцна ќе го продолжат нивното дело. Тие ги подучувале свештениците и младите, отворајќи го патот кон широка писменост меѓу словенските народи.
Подоцна, на покана од папата, браќата отпатувале во Рим. Таму Свети Кирил се разболел и починал на 14 февруари 869 година. Свети Методиј се вратил во Моравија и до крајот на својот живот продолжил да работи на ширењето на христијанството и словенската писменост. Тој се упокоил на 6 април 885 година.
По нивната смрт, нивните ученици – Свети Климент Охридски, Свети Наум и другите ученици познати како Свети Петочисленици – ја продолжиле нивната мисија. Свети Климент Охридски бил испратен во областа Кутмичевица, на територијата на денешна Македонија, каде што во Охрид ја продолжил просветителската дејност и ги поставил темелите на Охридската книжевна школа – еден од најважните духовни и културни центри во словенскиот свет.
Во современиот свет делото на Светите Кирил и Методиј добило уште пошироко признание. Во 1880 година папата Лав XIII го внел нивниот празник во календарот на Римокатоличката црква, а во 1980 година папата Јован Павле Втори ги прогласил за созаштитници на Европа заедно со Свети Бенедикт.
Денешниот празник не претставува само црковно чествување, туку и симбол на писменоста, образованието и културниот идентитет на словенските народи. Во Македонија 24 Мај традиционално се одбележува со бројни културни и образовни настани, свечени академии и активности во чест на светите браќа кои ги поставија темелите на словенската писменост.
Нивното дело и повеќе од единаесет векови подоцна продолжува да живее преку јазикот, книгите, образованието и духовноста на милиони луѓе.
The post Ден на сесловенските просветители: Денес се одбележува делото на Свети Кирил и Методиј appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
