Синоќа во Офицерскиот дом во Битола во присуство на голем број гости, свечено беше отворен Малиот Битолски Монмартр. Организаторот детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ им посака добредојде на учесниците на годинашната колонија, а поздравен говор во име на Општина Битола имаше заменик градоначалничката Марина Крстиќ.
„Голема е честа и задоволството што вечерва сум овде со вас, на овој важен и единствен настан во Македонија, каде фокусот се младите уметници, односно децата. Мислам дека нема поуспешна приказна која е создадена, а трае толку многу години, односно децении, благодарение на творецот на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ и Малиот Битолски Монмартр почитуваниот Коста Хаџи-Aнтоновски, чија мисија и дело продолжува да пулсира и во годините од кога тој веќе не е меѓу нас.
Задоволство е што во име на градоначалникот Тони Коњановски и Општина Битола, вечерва јас ја имам честа да Ве поздравам и да Ви посакам топло добредојде во Битола, градот кој секогаш изобилува со инспиративност, преку својата карактеристична архитектура, културно-историските споменици и културните настани.
Општината искрено им се заблагодарува на луѓето кои со голема посветеност го продолжуваат делото на Коста Хаџи-Aнтоновски и Ви благодарам на сите Вас, кои во следните денови, преку колоритност и уметност, ќе ја пренесете убавината на Битола од Старата чаршија, преку Широк сокак до Офицерскиот дом на вашите творби“ рече Крстиќ.
На свеченото отворање се обратија и амбасадорките на Народна Република Кина и на Словачка.
На 45-то издание на Светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“ присутни се 18 делегации од 15 држави од светот, а на овогодинешниот конкурс на 44-то издание на Светската детска ликовна изложба „Битола“ пристигнаа 850 пратки од 85 држави, односно 85.000 цртежи.
Врачена беше Гран при наградата на ликовното атеље „Артино“ од Белград, Србија, а наградата за животно дело за Хенри Лау од Хонгконг ( НР Кина ).
17 годишната битолчанка Ана Полизовска е првата учесничка од Македонија која за прв пат во изминатите 45 години е прогласена за најдобар учесник на колонијата. Таа е членка на детското ликовно студио од својата 7 година.
Над 100 учесници пет дена ќе творат во Битола во Старата чаршија, Широк Сокак и Офицерскиот дом и по еден работен ден ќе имаат во Охрид и манастирот „Св. Јован Бигорски“, при што се очекува да изработат над 700 ликовни дела.
The post Битола ја отвори вратата за младите таленти: Стартуваше 45-тото издание на „Малиот Битолски Монмартр“ appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
