ноември 22, 2024

Пишува: Ана Василевска

Четири убиства, 58 телесни повреди, загрозување на безбедноста и кривично дело за присилба меѓу вкупно 106 кривични дела за семејно насилство евидентирани во месец јануари во МВР. Во оваа статистика на Министерството за внатрешни работи, во првиот месец од годинава, регистрирани се и 516 поплаки и 30 прекршоци по основ на семејно насилство.

Опсервирано по подрачја, од регистрираните кривични дела “убиство“, две се извршени на подрачје на Скопје, и по едно во Куманово и во Струмица, за што се пријавени четворица сторители и пет жртви.

Податоците што ги доби НоваТВ, се поразителни и покажуваат интензивирање и пораст на семејното насилство. Освен спорадичините ангажмани на граѓанските организации кои работат на подигнување на свеста за оваа проблематика, повиканите институции се чини се затекнати. Институциите постапуваат според своите надлежности но проблемот се влошува. Кога станува збор пак за фемицидите и жените кои трпат семејно насилство, свеста е уште на ниско ниво, постои страв од двојна  виктимизација на жртвите и преовладува ставот „сама си го барала“.

Споредбено со Шпанија која за истиот месец (јануари) бележеше 6 убиства на жени во семејно насилство, државата свика итен состанок со експерти од оваа област и беа организирани спонтани протести за поддршка на жртвите.

Статистиката и кај нас вели дека најголем број од жртвите се жени, а сторителите се најчесто мажи. Како што неофицијално ни потврдија од МВР во најголем број од случаите насилниците се психички нестабилни лица кои веројатно требале да побараат психијатриско лекување. Од таму велат дека нивната надлежност во постапката е да постапат по пријавите а натаму случаите се спроведуваат во Обвинителството и социјалните служби.

 Потребно е да се анализира секој случај одделно

Алармантно е сознанието дека најчесто убиствата се сторени во афект предизвикани од психичко растројство на сторителите. Иако нема јасна слика за да се детектираат останатите причини, од скудните информации во објавите на МВР читаме „ на убиството претходела семејна расправија; станувало збор за конфликт во вонбрачна заедница; жртви во социјален ризик; дисфункционално семејство“ итн.

И покрај апелот да се подигне свеста за менталното здравје, како начин да се превенира насилството, поразува фактот дека тоа расте и тоа со фатални исходи.

Токму од потребата за суштинска анализа која би допринела за превенција и да се спречат потенцијалните жртви во иднина, Шпанија формираше кризен штаб а министерката за рамноправност Ирене Монтеро рече „дека треба да се анализира секој случај и да се види што тргнало наопаку“.

Владата на Шпанија ги повика судовите и обвинителите да ја засилат употребата на електронски нараквици за да ги заштитат жените чии поранешни партнери имале забрана за приближување, бидејќи од 2009 година откако се воведени овие нараквици ниту една жена што ги носела не е убиена.

Во двегодишната статистика 2020-2022 исто така пораст на семејното насилство

Од 992 кривични дела за семејно насилство во 2020 година, бројката за две години се искачува на 1.117. Во оваа црна статистика во периодот во две години , во кривичните дела од 1051 жртва, бројката се зголемува на 1191. Само за една година пак во 2022 вкупниот број на поплаки е 4494.

Што се подрзбира под семејно насилство?

На страницата semejnonasilstvo.org.mk на „Одбери крај, не прикривај“ платформа која се бори за заштита на жртвите од семејно насилство се сублимирани дефинициите за оваа проблематика.

Под семејно насилство се подразбира малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема брачен другар, родители или деца или други лица што живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен другар или лица што се наоѓаат во блиски лични односи.

Семејното насилство се одредува како збир на однесувања со цел да се воспостави контрола над другите преку примена на сила, застрашување и манипулирање. Таквото одредување се однесува на најчестите облици на насилство во семејството: телесно злоставување, емоционално злоставување, сексуално злоставување и материјално/работно искористување.

Семејното насилство секогаш претпоставува злоупотреба на моќ во релации кои се темелат на нееднаквост.

Тоа не е нова појава и веројатно постои одсекогаш. Клиничките искуства и емпириските истражувања укажуваат дека, семејството како темелна единица на општеството не е само поддржувачко окружување кое овозможува емоционална, социјална и материјална поддршка на нејзините членови, туку може да биде и насилно опкружување во кое најбрутално се кршат темелните човечки права.

Со истражувањата се утврдени неколку неспорни факти:

Поединецот може да биде изложен на насилство во семејството во текот на целиот свој живот, од детството до длабока старост. Најчести жртви на семејно насилство се жените, децата и старите лица
Насилството во семејството вклучува широк опсег на загрозувачки однесувања кои еден член од семејството ги користи за да воспостави моќ и контрола над друг член во семејството или да задоволи некои свои потреби на сметка на другиот. Затоа, во секој поединечен случај насилството претставува кршење на темелните човекови права.
Последиците од изложеноста на насилство се многубројни и битно влијаат на менталното здравје на оние кои се изложени директно, но и на оние кои се набљудувачи на насилството. Најчести последици се: ниско самопочитување, напнатост, депресивност, агресивност, обиди за самоубиство, зависност, нестабилност во партнерските релации, како и намалено работно функционирање и др.

Семејното насилство може да се објасни единствено преку интерактивно делување на поголем број фактори кои се групираат на три нивоа: индивидуални карактеристики, карактеристики на семејството и карактеристики на пошироката општествена заедница

Извор: Нова

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK