ноември 23, 2024

Унапредување на методологијата за правично насочување на средствата од централно на локално ниво во согласност со европските практики и обезбедување на еднаков третман на општинската во однос на државната даночна администрација, со цел да се обезбеди општински развој, а со тоа подобар живот на граѓаните. Ова ќе биде во фокусот на работата на ЗЕЛС во периодот што претстои, изјави за „Блумберг Адрија”, претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски. 

Во сторијата која ја анализира намалената платежна моќ на единиците за локална самоуправа наспроти декларативните заложби на Владата за општински развој, Ѓорѓиевски се осврнува на нејзиното намалувањето на дотациите во услови на енергетска криза, на застарената методологија на распределба на средствата од ДДВ која се потпира на бројот на население од пописот, согласно која, наместо повеќе пари, единиците на локалната самоуправа добиваат дополнително намален приход по основа на ДДВ. Најави дека како Претседател на ЗЕЛС, директно ќе ја насочи својата работа кон отстранување на овие аномалии, бидејќи развојот на општините директно го уловува квалитетот на секојдневието на секој нивен жител.

-Владата кога го креирала процентот на ДДВ точно знаела дека со предложената методологија поради намалениот број на граѓани во државата не ги зголемува туку ги намалува приходите по основа на ДДВ за општините. Ова ги покажува тоталната негрижа на Владата за општините и немањето намера да спроведе реална фискална децентрализација. Според неодамна објавена анализа од УНДП, централната власт има огромен процент на потфрлање во борбата со сивата економија, а со тоа и наплатата на реалното ДДВ, што директно се одразува и на приходите на локалната власт. Пресметките на ЗЕЛС покажуваат дека поради неусогласеност општините губат повеќе од 50 милиони евра и по основа на данок на имот, кој е нивни изворен приход. Над половина од оваа сума е на Град Скопје. Парите не стигнуваат до касите на локалните власти, поради застареност на Законот за даноците на имот, кој влече решенија од СФР Југославија, но и поради нееднаквиот третман на општинската даночна администрација во однос на државната даночна администрација. Целокупниот имот во нашата држава се регистрира во Агенцијата за катастар на недвижности. Во согласност со Законот за даноците на имот, општините и катастарот еднаш годишно треба да ги усогласуваат податоците од двата регистри, но катастарот одбива да ја извршува оваа законска надлежност бесплатно и за тоа бара огромни средства од општините, бидејќи во Законот за катастар на недвижности ослободени од надоместок се сите институции од централната власт, но не и општините. Пандан на ова, Управата за јавни приходи има право на бесплатен пристап до податоците од катастарот, изјави за “Блумберг Адриа” претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски.

Додаде дека општинската администрација тешко може да врши и присилна наплата на даноците на имот, затоа што за да го стори тоа мора од деловните банки да купува податоци за трансакциските сметки на даночните обврзници, додека Управата за јавни приходи има директен пристап до единствениот регистар на сметки што го води клириншката куќа.

-Значи имаме целосна нееднаквост на две даночни администрации – централната, која има нормални услови за работа и бесплатен пристап до сите регистри, и општините, кои немаат пристап до единствениот регистар на недвижен имот, односно треба да плаќаат енормни суми пари за обезбедување на основните податоци.Во ваква ситуација десетина општини лани почнаа сами, но и потпомогнати од УСАИД, да вршат масовна репроцена на недвижен имот. Меѓу тие општини е и Арачиново, каде што две децении не се вршеше наплата на данок на имот, а сега се очекува да бидат издадени решенија за плаќање, истакна Ѓорѓиевски, најавувајќи дека тој, како прв човек на ЗЕЛС, ќе има силни активности за еднаков третман на централната и локалната администрација како и пристап до основните регистри со цел успешно утврдување и наплата на даноците од имот.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK