ноември 23, 2024

Повеќе од 300 скопски таксисти заглавија во бирократскиот лавиринт на институциите предизвикани со новиот Закон за патен сообраќај, со кој се регулира и постапката за издавање жолти регистерски таблички без кои не можат да возат.

Иако овие таксисти вложиле во својот бизнис со купување на нови возила, не можат да работат бидејќи институциите играат пинг понг со нив и не можат да добијат лиценца, ниту жолта табличка.

Во врса со проблемот денеска претсавници на 19 такси здруженија одржаа прес-конференција на која ги изнесоа во јавноста проблемите за околу 200 такси возила и повеќе од 300 такси возачи во главниот град. Таксистите велат дека не можат да добијат лиценца без жолти таблички, но и дека без лиценца не можат да ги добијат таквите таблички. Поради тоа бараат да се постави во мирување новиот Закон за патен сообраќај, за да можат во одреден период да добијат лиценци со белите таблички, за потоа да можат да си ги добијат и жолтите.

– Имаме проблем со издавање на жолтите таблички со тоа што голем дел од колегите седат по неколку месеци дома и не можат да добијат жолти таблички. Проблемот е што кога ќе го сменат нивното возило, одат во станица за технички преглед, таму не им даваат жолти таблички, викаат треба да имаат мал извод од лиценца, а за да го добијат тоа се препраќаат во Градско собрание, додека таму им викаат дека треба да добијат жолти таблички. Значи се препраќаат од една страна на друга, а проблемот не се решава, изјави Ѓорги Мариновски, опренесувајќи го ставот на 19 такси компании.

Тој вели дека околу 200 такси возила моментно се паркирани дома и не можат да работат поради тоа што не можат добијат лиценца, а во меѓувреме плаќаат придонеси за фирмата. Ако не може да се реши проблемот, како што рече, бараат новиот Закон за патен сообраќај да се стави во мирување и додека се промени таксистите да можат да добијат лиценца на белите таблички, па после тоа да се сменат и да извадат лиценца за жолти таблички.

– Законот е донесен во Министерство за економија и тие треба да го разгледаат, но како што разбравме треба најмалку три месеци тој закон да се смени. Затоа ги замолуваме институциите тој проблем да го стават во мирување, луѓето да можат да извадат лиценци на бели таблици, па кога ќе се усогласи законот ќе ги префрлат на жолти таблици за да можат луѓето да се вратат на работа, затоа што тие веќе неколку месеци седат дома. Мислам дека тоа е најдобро решение, рече Мариновски.

Фаик Сулејмани, претставник од една од 19. такси компании вели дека од неговата компанија регуларно ги зеле табличките.

Според него, пред една година не им бил баран мал извод на лиценцата и тие тоа го зеле од АМСМ, но кога треба да ги регистрираат возилата биле принудени да дадат изјави. Во спротивно, посочи, не им ги регистрираат возилата и затоа многу возачи не можат да работат околу три месеци.

Сепак, дел од таксистите велат дека и покрај проблемот, нивни колеги извадиле лиценци и таблички, и практично се „диви“, но никој ништо не им може.

-За да добијат лиценца мора да покажат жолта табличка, што значи дека некој во станиците за технички преглед им ја дал. А како можело тоа да се случи тоа некој треба да го испита, велат таксистите.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK