ноември 24, 2024

Бојан Јовановски-Боки 13 лично испрати писмо и се обрати до медиумите откога Агенцијата за одземен имот соопштила дека одземената гардероба од „Рекет“ не е вештачена, ниту се знае нејзината вредност додека таа скапува и мувлосува. Боки 13 посочува: „Токму така, браво за агилноста што по речиси 4 години самите си потврдувате дека без вештачење, без утврдена вредност и процена како задолжителни законски елементи од една законита кривично-правна постапка, јас сум осуден и денеска издржувам казна затвор, алал вера“.

Писмото на Боки 13, напишано лично, го проследуваме во целост:

„Во текот на судењето за никогаш недокажаниот случај ‘Рекет’ многупати јас и мојот бранител Сашко Дукоски, адвокат од Скопје, истакнувавме барање за вештачење на одземената гардероба: чевли, чанти, накит, очила, часовници, уметнички слики, лустери, фотелји и гарнитури за седење, истото ова го наведовме и пред Апелациониот суд во жалбената постапка, за тоа пишувавме и пред Врховниот суд во барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, но сè беше залудно бидејќи наредбата да бидам осуден (без докази и без законито спроведена постапка) беше посилна од законот и правото!!!

Онаа суспендираната Вилма Русковска беше должна пред да ја достави како доказ во обвинителниот акт мојата одземена гардероба, чевли, чанти, накит, часовници, очила, уметнички слики, лустери, фотелји и гарнитури за седење, да изготви вештачење со вешт наод и мислење од вешто лице, со точна процена и утврдена вредност, за да можеше тоа да биде доказ во судска постапка во согласност со ЗКП, а не така на ѓутуре како крвник да ми ја одземе целата гардероба што била стекната во изминатите 15-20 години, а за која истата таа Вилма во обвинението наведе дека целата одземена гардероба и другата брендирана стока сум ја купил за само четири месеци, замислете супермен да бев, па не ќе можев да ја купам за 4 месеци.

Но, во моментите на супер слава и супер моќ на денес суспендираната Вилма ѝ проаѓаше сè како подмачкано, па така и магаре да донесеше во судница и да кажеше дека сум го купил за 1,5 милион евра (никогаш недокажаните и наводни пари од Орце Камчев), ќе беше круцијален доказ за онаа судијката Васка роднина – братучетка на Иван Џолев и онаа другата судијка Софче да ме осудат така крвнички и политички нарачано!!!

Прашање што мачи, чуму сега вештачење и процена по четири години???
Дали доколку се изврши вештачење и процена по 4 години, Агенцијата со тоа сака да ми помогне, па вештачењето и процената да ми бидат основ за повторување на постапката и одново проценување на ‘Рекет’, па, ви благодарам многу, другари, направете го што побргу, иако однапред знам дека давате само голи соопштенија, а дека вештачење и процена никогаш нема да направите бидејќи не ви одговора затоа што веќе и немате што да вештачите дотолку повеќе што главната поента зошто молците и глувците ќе останат гладни е токму тоа, што одземената гардероба и другата брендирана стока е дрско испокрадена и заменета со други парчиња слични на одземената брендирана стока!!! Само си се прашувам: чии ли нечисти раце ми ги носат чантите? Чии ли нечисти нозе ми ги носат чевлите? Чии ли проклети очи ги скриваат моите очила? И кој ли си го мери времето до зад решетки со моите часовници?!?!

Веќе еднаш кажав, но, за да повторам уште еднаш, ако дојде денот бесправно одземеното да ми биде вратено, јас не го сакам и ќе го донирам, но, за жал, до тоа нема да дојде бидејќи крадците си го донираа одземеното предвреме.
И сосема за крај, Вилма. ти порачувам дека ќе одговараш за сите злодела што ги имаш направено, меѓу другото, и за овој криминал со одземената гардероба и брендираната стока бидејќи ти си директно одговорна заедно со твоите помошнички, судијките Васка Масевска-Наумовска и Софче Гаврилова-Ефремова, и ти тврдам дека ќе дојдеш зад решетки бидејќи суспендирањето за тебе е награда, а не казна, за тебе вистинската казна ти следува со процесот ‘Бумеранг’!!!

П.с. Барем уметничките слики предадете ги во некој од уметничките музеи на Македонија, барем тоа добро направете го, ако веќе и тие не висат на нечии крвави ѕидови!“
MakFax

The post Одземената облека на Боки 13 не е вештачена, тој е лут: Чии ли нечисти нозе ми ги носат чевлите? appeared first on Шило Магазин.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK