– Земјите ширум светот ги олабавуваат прописите за увозот, а го ограничуваат извозот, особено на храната и ѓубривата, предупреди Светската трговска организација (СТО).
Во последните 12 месеци, до средината на октомври, членките на СТО воведоа повеќе мерки со кои ја унапредија трговската размена отколку ограничувањата, утврди СТО.
На тој начин, месечно, во просек, воведени се најмногу мерки за унапредување на трговијата од 2012 година, покажуваат пресметките на СТО.
Меѓутоа, со овие мерки, земјите најмногу го поттикнуваа увозот, а најмногу го ограничуваа извозот, предупредува СТО, заклучувајќи дека извозните ограничувања ги надминале ограничувањата на увозот за прв пат од 2009 година, кога почнаа да се следат податоците.
-Членките засилено ги применуваа новите ограничувања во трговијата, особено на извозот, прво во контекст на пандемијата, а од неодамна и во контекст на војната во Украина и кризата во снабдувањето со храна, изјави шефицата на СТО, Нгози Окоњо-Ивеала.
Во такви услови земјите првенствено го ограничуваа извозот на храна, утврди СТО.
-Од 78 мерки за ограничување на извозот на прехранбени производи, добиточна храна и ѓубрива, воведени од почетокот на војната во Украина, кон крајот на февруари, 57 од нив сè уште се во сила, што одговара на приближно 56,6 милијарди долари трговска размена, наведува генералната директорка на СТО.
Следете не, не има насекаде