Законот сега оди на работната маса на претседателот Џо Бајден, демократ, кој кажа дека со задоволство ќе го потпише. Законот беше усвоен со 258 гласа „за“, од кои 39 беа републикански, и 169 „против“. Двопартиска подршка актот имаше и во Сенатот.
Првата верзија на законот, насловен Почит кон бракот, летоска беше поддржана од поголем број на републиканци. Верзијата изгласана денеска содржи и амандман за дополнителна заштита на религиските слободи и верските непрофитни организации.
Според една од одредбите на законот, сојузните држави не се обврзани да признаваат истополови бракови склучени на нивна територија, но мораат да прифатат таков брак склучен во друга држава, каде тоа е дозволено.
Законот беше донесен под притисок на борците за човекови права откако Врховниот суд на САД во јуни го одзеде федералното право на абортус, па активистите го повикаа Конгресот да изгласа закон за истополови бракови, стравувајќи од можноста Врховниот суд да го одзеде и ова право.