Косовската полиција започна истрага за да го пронајде сопственикот на Фејсбук профилот кој под името „Џамија во Подујево“ вчера си поигра со чувствата на семејството на исчезнатата Вања Ѓорчевска (14) и се обиде да внесе паника и страв меѓу загрижените граѓани. Од овој профил, непознато лице или пак лица, вчера на мајката на девојката ѝ напишаа дека Вања е безбедна и во Косово, сурова дезинформација во која поверува дел од јавноста, а некои медиуми ја препишаа. Фејсбук профилот кој се претставува како „Џамија од Подујево“, користи украдена фотографија од оџа од Албанија, Арбер Бериша, кој за „Слободен печат“ денеска потврди дека веќе бил исконтактиран од началникот на одделот за компјутерски криминал на косовската полиција, кој му соопштил дека косовската полиција отвора истрага за профилот кој ја има украдено неговата фотографија.
Слободен печат“ во текот на вчерашниот ден стапи во контакт со повеќе џамии во Подујево и оттаму ни кажаа дека за Вања немаат никакви информации. Со обратно пребарување на фотографијата од лажниот Фејсбук профил на која се наоѓаше исламско верско лице, дојдовме до вистинскиот идентитет на лицето кое се наоѓа на фотографијата. Станува збор за имамот Арбер Бериша од Тропоја, Албанија.
Веќе сум запознаен со овој профил кој неколку пати го пријавував во полиција затоа што често преку него некој, или криминална група, ги злоупотреубаше верниците злоупотребувајќи го моето име. Им давал совети а потоа им барал пари користејќи го моето име и претставувајќи се од различни локации во светот. Овој профил нема никаква врска со ниедна џамија во Подујево. Ве молам обидете се и вие да го пронајдете натрапникот, зашто јас се обидов, но ништо не помогна да биде избришан овој профил, изјави во телефонски разговор за „Слободен печат“ имамот Бериша.
Бескрупулозниот манипулатор не е исклучено да е дел од структури кои што имаат за цел поширока дестабилизација и одвлекување на вниманието на полицијата во истрагата која деноноќно се води да биде пронајдена Вања Ѓорчевска.
Вања Ѓорчевска има 14 години. Во понеделникот во 7 часот и 20 минути изутрина, излегла од домот во скопската населба Дебар Маало и се упатила кон училиштето „Ј.Х. Песталоци“ на настава. На пат кон училиштето ѝ се губи секоја трага.
Вања носела црни панталони со странични џебови, светло син џемпер, црна кратка зимска јакна и бели „Најк“ патики со кафена лента на ѓонот. Последен пат е видена во Дебар Маало на пат кон „Песталоци“. Висока е 175 сантиметри, тешка 58 килограми, има темно кафена коса и кафени очи, носи протези на горните и долните заби и има бемка на десната страна од лицето. Со себе носи ранец и мобилен телефон марка „Ајфон“.
Следете не, не има насекаде