Поранешниот претседател на Украина ги повика САД да испратат борбени авиони и ракетни системи со долг дострел во Киев за „да ја одбранат Европа од Русија“.
Поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко ги повика Соединетите Американски Држави да им испратат ракетни системи со долг дострел за, како што рече, „да ги уништат руските магацини и командни центри на земјата агресор“.
Порошенко изјави за Си-Ен-Ен дека на Украина и требаат противвоздушна одбрана и борбени авиони за да ги заштити цивилните објекти од клучната инфраструктура, објави украинската веб-страница „Директен канал“.
„Оружјето никогаш не е доволно. Ние го разбираме тоа и ситуацијата чекор по чекор се подобрува. Ги имаме германските „гепарди“, германскиот „ИРИС-3“, се надеваме дека наскоро ќе имаме американска воздушна одбрана. Сега треба да го имаме сето тоа не само на фронтот, туку и да го затвориме небото над објектите на клучната енергетска инфраструктура низ целата земја“, рече поранешниот украински претседател.
Порошенко заклучи дека „со снабдување со опрема и испорака на противвоздушна одбрана може да се променат правилата на играта и да се спречи Путин да ја нападне клучната енергетска инфраструктура“.
„Покрај тоа, ни треба повеќе оружје, ни требаат борбени авиони. Тие се потребни за да се прекине доминацијата во воздухот и да се заштитат украинските војници од руските напади“, додаде Порошенко.
Тој исто така им порача на Американците дека снабдувањето со артилерија, ракетни системи со долг дострел, нема да значи дека ќе има напад на територијата на Русија.
„Ние не го правиме тоа. Тоа е прашање на доверба. Украинските вооружени сили ја имаат довербата на Америка и ни требаат овие ракети со долг дострел. Можеме да уништиме складишта со руска муниција, руски командни пунктови и тоа ќе ни помогне да ја одбраниме Украина. Тоа ќе ни помогне да ја одбраниме Европа“, рече Порошенко.
И на крајот тој истакна: „Затоа што сега не е член 5 од Повелбата на НАТО тој што ја штити Европа, туку сино-жолтиот штит на украинските вооружени сили ја прави оваа важна работа“.
Следете не, не има насекаде