ноември 23, 2024

Марио Загало, легендата на бразилскиот фудбал, почина во петокот на 92-годишна возраст. Засекогаш ќе остане запаметен како првиот фудбалер кој го освоил Светското првенство како играч, а потоа и како тренер. Наречен професор, Загало одигра клучна улога во четири од петте светски титули на Бразил.

Како играч освои две светски шампионски титули, во 1958 година во Шведска и во 1962 година во Чиле. Како тренер, тој потоа го предводеше „Селесао“ до мундијалска титула во 1970 година во Мексико и беше помошник тренер за време на победата на Светското првенство во 1994 година во САД. Повторно беше селектор во 1998 година кога Бразил загуби со 0:3 на „Стад де Франс“ од Франција.

Успехот да ја освои титулата светски првак како играч и како тренер по него го повторија само легендарниот Германец Франц Бекенбауер (во 1974 година како играч и во 1990 година како тренер) и Дидие Дешамп (во 1998 година како играч и како тренер во 2018 година).

Загало, чија статуа се наоѓа пред стадионот „Нилтон Сантос“ во Рио, беше тренер на Кувајт од 1976 до 1978 година, а потоа и во 1989/90 година работеше во Обединетите Арапски Емирати кои ги одведе на нивното единствено Светско првенство каде што играа без него бидејќи беше отпуштен пред турнирот.

Роден на 9 август 1931 година во Масеио, на североистокот на земјата, во семејство со либанско и италијанско потекло, Марио Хорхе Лобо Загало ја започна својата кариера во 1948 година во скромниот клуб Америка од Рио де Жанеиро, а потоа одигра осум сезони за Фламенго и седум за Ботафого.

За бразилската репрезентација дебитираше во мај 1958 година, пред да го освои својот прв светски шампионски трофеј на 27-годишна возраст со неговите познати соиграчи Пеле, Гаринча, Диди и Вава. Бразил во финалето на СП ја победи Шведска со 5:2, а Загало го постигна четвртиот гол.

Многу суеверен, Загало непоколебливо веруваше во бројот 13 кој го красеше неговиот дрес. Се оженил на 13 јуни, живеел на 13 кат, возел автомобил со број 13. И рекол дека му е жал што финалето во 1998 година се играло на 12 јули …

Загало се пензионираше во јуни 1964 година на 33-годишна возраст, а потоа две години подоцна почна да се занимава со тренерската работа, главно во Бразил (Ботафого, Фламенго, Флуминенсе, Португеза или Васко де Гама).

The post Почина Марио Загало, легендата на бразилскиот фудбал appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK