септември 21, 2024

Украина смета дека нема правен основ за постојано членство на Русија во Советот за безбедност поради воената агресија. Русија, САД, Кина, Велика Британија и Франција се постојани членки уште од основањето на СБ и имаат право на вето.

Украина денеска официјално до Обединетите Нации (ОН) ќе го достави барањето за исклучување на Русија од Советот за безбедност како постојана членка. Украинските власти сметаат дека постојаното членство на Русија во Советот за безбедност е нелегално и нема правен основ. Украина освен членувањето во Советот за безбедност го оспорува и правото на Русија да биде членка на ОН.

„Нашето прашање е многу едноставно: дали Русија има право да остане постојана членка на Советот за безбедност на ОН и воопшто да биде во Обединетите нации? Имаме убедлив и аргументиран одговор – НЕ”, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба, за украинските медиуми.

Тој е уверен дека по поразот на Русија во војната што ја започна, прашањето за нејзината иднина повеќе нема да биде табу тема за светската дипломатија.

Зеленски: Ако СБ не може да ја запре Русија нека се распушти

Денешното барање на Украина за исклучување на Русија од Советот за безбедност е продолжение на изјавите на украинскиот претседател Владимир Зеленски кој во април годинава побара од Обединетите Нации да го реформираат системот кој на Русија како постојана членка и дава право на вето. Тој го повика Советот за безбедност да ја исклучи Русија од својот состав како агресор. Зеленски повика органот да се распушти доколку не може да најде начин да запрат руските акции во Украина.

САД: Не можеме да ги исклучиме туку само да ги изолираме

На барањето на Зеленски тогаш одговори постојаната претставничка на САД во Обединетите Нации, Линда Томас – Гринфилд. Таа изјави дека не е можно да се исфрли Русија од Советот за безбедност, но дека САД ќе направат се за да ја изолираат.

„Советот за безбедност е резултат на создавањето на ОН по Втората светска војна, Русија е членка на Советот за безбедност. Тоа е факт. Тој факт не можеме да го смениме, но сигурно дека можеме да ги изолираме во Советот за безбедност. Можеме да направиме учеството во ова тело да им биде многу непријатно”, изјави Томас – Гринфилд.

Сепак, минатата недела двајца америкaнски претставници на законодавната власт ја претставија Резолуцијата за исфрлање на Русија од Советот за безбедност. Тие изјавија дека присуството на Русија во Советот е во спротивност со целите и принципите на Обединетите Нации.

Какo функционира Советот за безбедност

Главната цел на Советот за безбедност на ОН е одржување на светскиот мир и безбедноста. За разлика од другите органи на ОН кои носат одлуки што не се обврзувачки за членките на Обединетите нации, одлуките на Советот можат да бидат обврзувачки за спроведување. Тие одлуки се наречени резолуции.

Во Советот има пет постојани членки и 10 членки со ограничен мандат кои се бираат на секои две години. Постојани членки се: САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција како главни земји победнички во Втората светска војна.

Нема механизам за исклучување постојана членка

При гласањето во Советот, гласаат само петте постојани членки. Непостојаните имаат право да дискутираат, но не и да гласаат. При гласањето петте постојани членки имаат право на вето. Ако една членка стави вето, една предлог одлука на Советот за безбедност не може да биде донесена. Единствено може да се донесе, ако за неа гласаат сите постојани членки или ако гласаат четири членки, а една воопшто не гласа.

Со оглед на овој факт, ако предлогот на Украина за исклучување на Русија од Советот за безбедност биде на дневен ред на овој орган, тој не би бил изгласан бидејќи би добил вето од самата Русија. Во рамки на Обединетите Нации исто така не е предвиден механизам со кој Генералното собрание може да исклучи постојана членка на Советот за безбедност.

Во минатото постоеле предлози за смена на начинот на гласање или зголемување на бројот на постојани членки во Советот за безбедност, но засега не добиваат поддршка.

TRT Balkan Macedonia

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK