септември 22, 2024

Од Транспорт и врски велат дека градоначалничката Арсовска не треба да го вовлекува министерството во креирањето на урбанистичките планови, кои согласно закон се во изворна надлежност на општините и и порачаа политичките игри и пресметки да ги води на друго место и на други теми

Фотоколаж „360 степени“

Министерството за транспорт и врски ги отфрла како „паушални и лажни“ обвинувањата на скопската градоначалничка Данела Арсовска, а кои се однесуваа на изгласаниот Детален урбанистички план (ДУП) во Општина Ѓорче Петров.

Од Транспорт и врски велат дека градоначалничката Арсовска не треба да го вовлекува министерството во креирањето на урбанистичките планови, кои согласно закон се во изворна надлежност на општините и и порачаа политичките игри и пресметки да ги води на друго место и на други теми.  

„Министерството за транспорт и врски не е институција која носи урбанистички планови, ниту пак се меша во просторниот развој на општните. Ако Данела Арсовска не го знае ова, нека се информира подобро од професионалци кои се занимаваат со оваа дејност“,

се вели во реакцијата од Министерството за транспорт и врски.

Оттаму додаваат дека, според увидот што го направиле во системот на е-урбанизам, јасно се гледа дека Град Скопје дури 72 дена не одговара на бараното мислење во однос на предметниот ДУП.

„Согласно член 36 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Град Скопје е должен да одговори во рок од пет работни дена од приемот на барањето во електронска форма на системот на е-урбанизам. Доколку не одговори, тогаш се смета дека Град Скопје нема забелешки и дека е дадено позитивно мислење. Потенцираме, цели 72 дена, односно 51 работен ден Град Скопје не одговорил на барањето. Ако од Град Скопје сметале дека планот не треба да биде донесен, имале законска можност дури пет пати и 72 дена да се произнесат негативно“,

додаваат од Министерството.

Од ресорното Министерство велат дека во текот на постапката, Општина Ѓорче Петров до нив четири пати го доставила планот. Во три случаи, како што додаваат, Министерството дало известување за недостатоци, а дури четвртиот пат од страна на општината биле корегирани сите забелешки. По тоа, додаваат од Министерството, Комисијата за урбанизам, водејќи се од одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање како и од Законот за урбанистичко планирање, дала согласност на ДУП-от.

„Донесувањето на урбаниситичките планови не е постапка која ја води Министерството за транспорт и врски, туку согласно домашната легислатива носењето е во надлежност на Советот на општината, односно советниците се тие кои го гласаат или не го гласаат урабнистичкиот план. Министертвото за транспорт и врски ќе продолжи да работи согласно законите во Северна Македонија и нема да дозволиме поединци да го вовлекуваат во евтин политички фолклор“,

се додава во соопштението од Министерството.

Арсовска денеска на прес-конференција рече дека Советот на Општина Ѓорче Петров, без согласност од Град Скопје, викендов на седница изгласал измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) со кој дозволените градби на улицата „Ацо Шопов“ се драстично зголемени од пет ката плус поткровје, на 20 ката плус поткровје.

Според Арсовска, согласност за ДУП имало само од Агенцијата за катастар на недвижности, а Град Скопје дал две негативни мислења.

Градот Скопје, како што најави Арсовска, ќе поднесе кривична против градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојковски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, претседателот на Советот на општина Ѓорче Петров, Ленче Нелоска, и Весна Андреецска, кој е вработена во Министерството за транспорт и врски. 

Од Уставниот суд, пак, најави дека ќе побара со времена мерка да ја запре примената. 

За овој Детален урбанистички план, денеска на прес-конференција реагираше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Јакимовски вели дека со планот е предвидена изградба на една 20-катница, четири 17-катници, две 14-катници, шест 12-катници, седум 9-катници, седум 7-катници и уште десетина помали згради во кои е предвидно да живеат нови десет и пол илјади жители. Со тоа, како вели, ќе се врши дополнителен притисок врз инфраструктурата во Општина Карпош, особено врз канализациската, а зголемениот број на жители ќе го оптовари сообраќајот по булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Ацо Шопов“ и ќе направи дополнителен метеж.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK