септември 20, 2024

Според информациите кои ги објави ТВ Телма, жртва на убиството е таткото на осомничен за убиството на Орхан Бајрами – Оки кое се случи минатото лето на Халкидики во Грција и за вмешаност во убиството на Јетон Кривањева – Жила и Енис Исеинов во „Шиша бар“ во Скопје пред една година

Педесет и шестгодишен маж вечерва бил пронајден убиен во близина на локалниот пат од Долно кон Горно Блаце. 

Припадници на македонската полиција (Илустративна фотографија) / Фото: Архива

Министерството за внатрешни работи го потврди случајот и според првичните информации безживотното тело со прострелни рани го пронашол братот на убиенот.   

„Во 18:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека во близина на локалниот пат од Долно кон Горно Блаце, Н.Т. го пронашол неговиот брат З.Т. (56) без знаци на живот, со прострелни рани од огнено оружје“,

се наведува во информацијата од МВР.  

Во моментов, како што додаваат од Министерството се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Засега нема официјални информации за мотивите и околностите во кои случило убиството. Во меѓувреме дел од медиумите повикувајќи се на неофицијални информации од свои извори објавија дека станува збор за убиство кое е дел од пресметката меѓу две скопски криминални групи.  

Според информациите кои ги објави ТВ Телма, жртва на убиството е таткото на Гани Туша, кој бил убиен додека работел на нива во скопското село Блаце.  

Гани Туша, наведува телевизијата, е осомничен за убиството на Орхан Бајрами – Оки кое се случи минатото лето на Халкидики во Грција и за вмешаност во убиството на Јетон Кривањева – Жила и Енис Исеинов во „Шиша бар“ во Скопје пред една година.  

Туша по убиствата кои според информациите се дел од пресметката меѓу скопските нарко банди е во притвор во Скопје.  

Тој, како што наведува ТВ Телма, е припадник на групата Барон/Беланоца која е во конфликт со групата Дуќанџик/Грчец за превласт на скопскиот нарко пазар.  

Македонскиот бизнисмен Орхан Бајрами-Оки и неговиот пријател Сеад Слезовиќ беа цел на вооружен напад рано утрото на 15 јули минатата година во вила на Халкидики. Тие беа нападнати во внатрешноста на објектот од страна на две маскирани лица кои дошле до вилата со мотоцикл. Се приближиле до објектот, кој Оки го изнајмувал заедно со пријателите, и испукале најмалку 19 куршуми. Во пукањето беше убиен 39-годишниот Орхан Бајрами-Оки, а неговиот 45-годишен пријател, исто така македонски државјанин, се здоби со повреди. 

Пукањето во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија се случи на 6 март лани кога напаѓачи облечени во црна облека налик на униформа, на самото место го убија Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени. По нападот, групата убијци избегала со возило „ауди А6“ кое подоцна беше најдено запалено во Шуто Оризари. 

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK