Покрај спасувачи, пожарникари и полицајци од денеска во потрагата се вклучија и два хеликоптера кои го пребаруваат теренот во близина на местото каде се изгуби трагата на двегодишната Данка Илиќ
Пред куќата на Илиќ која воедно е и местото каде таа е последен пат видена, моментално се наоѓаат три полициски патроли, како и два автомобила на припадниците на секоторот за вонредни ситуации, а српските медиуми пренесуваат дека се размислува да се пребарува и Борското езеро кое се наоѓа на седум километри од местото каде што се губи трагот на малата Данка. Српската полиција и денеска донела ашови, лопати и механизација и се упатила кон местото каде таа била видена з апоследен пат.
Полковникот во пензија, Славица Радовановиќ во изјава за емисијата „Нови дан“ рече дека како што поминуваат деновите, полицијата треба да излезе со информации за исчезнувањето на девојчето, бидејќи јавноста заслужува да знае одредени информации кои би ја смириле ситуацијата и со што би се покажало дека службите и министерството за внатрешни работи и понатаму работат најдобро што можат за пронаоѓање на девојчето.
„Јавноста посебно е вознемирена и потребно е да се информира за ваков тип на дело бидејќи тоа што најмногу вознемирува во јавноста е неизвесноста околу тоа дали овој случај е несреќен или пак постои веројатност да е кривично дело“,
рече Радовановиќ.
Пред два дена во Бањско Поле пристигнале две специјализирани екипи за спасување до урнатини на Одделението за вонредни состојби при српското Министерство за внатрешни работи и од рано утринава почнале со пребарување на просторот околу куќата пред која исчезна двегодишното девојче Данка Илиќ.
Фотографија и лични податоци од девојчето објавени на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи на Србија
Потрагата по девојчето, на кое од вторникот попладне му се губи секаков траг, влегува во петиот ден.
Двете екипи што синоќа пристигнале од Белград и Нови Сад ги сочинуваат 18 пожарникари и спасувачи со пет теренски возила и едно куче за спасување, кои почнале со детално пребарување на просторот околу куќата.
Во текот на завчерашниот ден со багер беше расчистено земјиштето околу куќата во Бањско Поле, од каде што на девојчето му се губи секаков траг. Набргу потоа пристигнала и полицијата која го пребарува просторот околу расчистените стебла. Засега нема официјални информации за деталите од истрагата.
Целта на ваквите активности, како што јавува РТС, е да се провери дали има докази и траги под гранките кои би помогнале во потрагата по девојчето.
Исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ во вторникот го пријавила нејзината мајка и оттогаш трае потрагата во која се вклучени стотици припадници на полицијата, жандармеријата, горската спасувачка служба и ловџии.
Беа распоредени и беспилотни летала со термални камери, а хеликоптерска единица во повеќе наврати го прелета теренот во околината на Бор.
Иако полицијата во средата соопшти дека потрагата на терен се прекинува, бидејќи сè укажува дека девојчето не е во областа од која исчезна, полициските сили и спасувачките екипи сè уште се на терен. Воедно, како што е најавено, во тек е интензивна оперативна активност.
Во Бањско Поле пред два дена беше и министерот за внатрешни работи на Србија, Братислав Гашиќ.
Завчера три лица од околината на градот Хаџиќи во кантонот Сараево беа уапсени бидејќи на социјалните мрежи тврделе дека имаат информации за исчезнувањето на двегодишното девојче и за да ги споделат барале 50 илјади конвертибилни марки што е околу 25 илјади евра.
Исчезнувањето на двегодишното девојче по првпат го активира системот „Најди ме“ во Србија, кој е наменет за итно известување на јавноста во случај на исчезнување на малолетно лице.
Данка Илиќ (2) има кафеава коса, кафеави очи и е висока околу 85 сантиметри. На денот на исчезнувањето носела виолетови панталони и јакна во маслинесто зелена боја.