декември 3, 2024

Денеска во одредени српски медиуми беше пласирано и видео на кое постојат сомнежи дека се наоѓа токму двегодишното девојче Данка Илиќ во придружба на две жени од романска националност во главниот град на Австрија, Виена, но се уште нема потрвда за автентичноста на видеоснимката

Меѓународната полициска организација Интерпол на својата интернет страница објави дека активирала жолт аларм за Данка Илиќ која исчезна пред шест дена во околината на градот Бор во источна Србија. Овој аларм се вклучува за исчезнати лица и претставува глобално полициско предупредување за најблиските на исчезнатото лице, за киднапирања или пак за исчезнувања од необјаснети околности.

Додека српската полиција, спасувачи и доброволци веќе шести ден трагаат по Илиќ во околината каде што таа била за последен пат видена, утринава беше објавена видеоснимка за која се вели дека постои сомнеж дека на неа е токму исчезнатото девојче во придржуба на две жени од Романија во главниот град на Австрија, Виена. Засега нема потврда за автентичноста на снимката или пак за тоа дали на неа навистина е исчезнатата Данка Илиќ.

Српската полиција ги проверува снимките, а според српските медиуми, во текот на ноќта за постоењето на оваа снимка биле известени и Европол и австриската полиција.

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ утринава рече дека полицијата работи напорно за расчистување на случајот и за пронаоѓање на исчезнатото девојче, велејќи дека синоќа се појавила нова трага.

Сакам да и се заблагодарам на полицијата која работи дење и ноќе. Кога се појави нова трага во три и пол, ме известија и мене. До пет и пол сите беа на своето место. Секоја чест за нивната посветеност, колку луѓе секојдневно се борат за еден прекрасен живот, се надевам дека ќе успеат да го решат и тој случај,

изјави Вучиќ.

Потрагата по двегодишното девојче Данка Илиќ, кое исчезна во вторникот кај Бор, влезе во шестиот ден. Потрагата во Бањско Поле кај Бор засега е без резултати, а кај мештаните од селото расте загриженоста како што одминува времето.

Како што пренесува државната телевизија РТС, во областа каде што е исчезната Данка денеска нема активности, а има присуство на полициски патроли.

Вчера, поширокото подрачје каде што исчезна девојчето го прелетуваа хеликоптери на Министерството за внатрешни работи, а беше најавена и потрага во езерото Бор, но засега нема официјални потврди дека тоа ќе се случи.

По првпат се пребарувал и дел од Брестовачка Река, лоцирана во подножјето на Бањско Поле.

Српската полиција информира дека е претресена површина од десет квадратни километри и дека засега нема никакви траги. Спасувачите ги пребарале и каналите во должина од 4,5 километри, подземниот тунел и шахтите што ја поврзуваат оваа населба со некогашниот басен на Бор, а и таму немало траги.

„Полицијата ја продолжува потрагата и оперативната работа во која учествуваат и родителите. Единствено што сè уште официјално не е дефинирано е дали се истражува кривично дело или несреќа“,

пренесува српскиот портал Н1.

Родителите на Данка, Милош Илиќ и неговата сопруга Ивана, секојдневно одговараат на прашања на полицијата со цел да се дојде до некоја нова трага која можеби претходно била игнорирана.

Специјализирани екипи за спасување од урнатини на Одделението за вонредни состојби при српското Министерство за внатрешни работи пред два дена почнале со пребарување на просторот околу куќата пред која исчезна двегодишното девојче.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK