септември 28, 2024

За нецели две години од спроведувањето на хуманиот третман на кучиња скитници во Охрид, сликата низ улиците е далеку подобра. Општината преку ЈП „Охридски комуналец“ успешно го спроведува проектот за заловување, кастрирање, чипирање и вакцинирање што го врши ветеринарна амбуланта избрана на тендер. Досега се третирани 183 кучиња.
Низ градот можат да се видат мапирани неагресивни бездомни животни, но има и нетретирани оти, како што велат од Јавното претпријатие, кучиња се носат од други места.

Граѓаните сега се задоволни, но велат дека за долгорочно решавање на проблемот потребно е изградба на згрижувалиште за бездомни животни. Со истиот став се и туристите кои најчесто ги хранат уличните животни.

„За нас е несфатливо животните да се на улица без грижа. Секогаш кога шетаме земаме храна со нас за да ги нахраниме. Тие се само невини животинчиња кои се напуштени, оставени или фрлени на улица. Посакувам следното доаѓање во Охрид да ја нема оваа глетка“, вели турист кого го затекнавме како храни бездомно куче.

Активистите од Охрид велат дека по улиците страдаат голем број животни, а секојдневно се носат и од други градови. Потребна е масовна стерилизација и кастрација, задолжително чипирање на домашните миленици и поголем број инспекциски контроли, но и казни за сопствениците кои од разни причини ги напуштаат милениците.
Хрватските власти го сведоа на минимум бројот на напуштени животни низ улиците. Министерство за земјоделство на Хрватска со новиот закон од 2017 година предвиде забрана на убивање на напуштените животни и основање на најмалку едно „не убивај“ (no kill) засолниште на подрачјето на секоја единица на регионалната самоуправа, во кое има најмалку 50 места за животни, а сите единици на локалната самоуправа се обврзани да учествуваат во финансирање на основањето на работата на засолништето.

Законот предвидува и контрола на популацијата на „несакани“ кучиња, како и подобар надзор над одгледувањето на кучиња. Од оваа година постои и затворска казна од 1 до 3 години за напуштање на миленик и за малтретирање на животни, а предвидени се и парични казни. Со овој закон Хрватска е една од високорангираните европски земји во грижата за животните.
Sdk.Mk

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK