Претседателите на двете земји ја истакнаа важноста од формирање регионален гасен центар во Турција, како и неопходноста од отстранување на пречките за снабдување на земјите со руски производи.
Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска телефонски разговарале за заеднички енергетски проекти и размениле мислења за формирање регионален гасен центар во Турција, соопшти Кремљ.
„Беше нагласена посебната важност на заедничките енергетски проекти, пред се во гасната индустрија. Земајќи ги предвид резултатите од неодамнешните разговори во Истанбул, Алексеј Милер, претседател на Одборот на директори на Гаспром, продолжи со дискусиите за иницијативата за формирање регионален гасен центар во Турција“, се вели во соопштението.
Шефовите на држави разговараа и за проширување на билатералната соработка во различни области. Меѓу другото, се фокусираа на рекордниот раст на трговскиот промет.
Договорот за жито треба да биде сеопфатен
Рускиот и турскиот претседател денеска разговараа и за договорот за житото, за кој рекоа дека е „од сложен карактер, како и дека е неопходно да се отстранат пречките за испорака на руски производи во земјите“.
„Претседателот Путин денеска разговараше со својот турски колега за имплементацијата на истанбулските договори од 22 јули, за извозот на украинско жито од пристаништата на Црното Море и за извозот на руски земјоделски производи и ѓубрива. Оваа работа е од комплексна природа, која бара отстранување на сите пречки за испорака на руски производи во земјите кои се најпотребни“, соопшти Кремљ.
За ситуацијата во Украина и Сирија
Во разговорот со Ердоган, Путин изнесе оценка за ситуацијата околу Украина, а се договорија и да одржуваат контакти за ситуацијата во Сирија.
„Владимир Путин ја презентираше својата оценка за ситуацијата во Украина. Покрај тоа, Путин и Ердоган разговараа за решавање на ситуацијата во Сирија во контекст на почитување на одредбите од Меморандумот од Сочи од 2019 година. Се прецизира дека министерствата за одбрана и за надворешни работи на двете земји продолжуваат да одржуваат блиски контакти за ова прашање“, заклучи Кремљ.
Следете не, не има насекаде