Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во својата новогодишна порака изјави дека војната во Украина е пресвртница што ја става Германија на тест и најави нови пакети мерки за борба против кризата кои ќе стапат на сила утре, 1 јануари.
„ Путин води империјалистичка агресивна војна во срцето на Европа. Овој пресврт нè става нас и нашата земја на тест“, рече Шолц.
Тој додаде дека „таму се кријат и добри вести“: руската армија не ја прегази Украина за неколку дена, како што планира Путин, ЕУ и НАТО се обединети, а Германија не подлегна на уцените со рускиот гас, пишува Дојче веле.
„Ние сочувствуваме со Украинците кои дури и во денови како денешниот не можат да се одморат од руските бомби и ракети. И сите ги чувствуваме последиците од војната во секојдневниот живот, кога купуваме во супермаркет, на бензинска пумпа или плаќаме сметката за струја или гас“, рече Шолц.
Тој им се заблагодари на сите кои помагаат во приемот и грижата за воените бегалци, додавајќи дека 29 милиони луѓе доброволно и хуманитарно се вклучуваат во различни организации.
Тој, исто така, ги пофали оние што работат во Германија на енергетската транзиција и заштитата на климата.
„Ова е земја во која не оставаме никого зад себе – без разлика дали е во град или на село, без разлика дали се стари или млади, дали се богати или помалку богати, без разлика дали се оние кои се родени овде или кои емигрирале подоцна“, рече Шолц.
Социјалдемократскиот канцелар потсети на новите пакети мерки за борба против кризата што ќе стапат на сила во Германија од утре, 1 јануари: надоместок за кирии за лица со ниски примања, зголемување на детскиот додаток и намалување на даноците за вкупно 19 милијарди евра, субвенционирани цени за струја, парно и гас.
„Почитувани сограѓани, нашето заедништво е нашиот најголем адут. Затоа на почетокот на оваа Нова година ни посакувам едно: Да останеме верни на патот по кој тргнавме минатата година! Да одиме напред храбро!“ заклучи Шолц.
Новогодишниот говор на канцеларката традиционално во целост се емитува на јавната телевизија на последниот ден од секоја година.
Следете не, не има насекаде