ноември 23, 2024

И покрај војните, климатските катастрофи и гладот, сепак 2022 година ќе ја паметиме и по некои позитивни вестиа, а ТРТ Балкан ви дава само мал дел од нив.

Војната што Русија ја започна во Украина, климатските катастрофи кои однесоа илјадници животи и оставија без дом милиони луѓе како и глобалната рецесија и гладот со која се соочуваат милиони луѓе, претежно во Африка, беа само дел од негативните работи кои ќе останат запаметени во годината што изминува. Сепак, 2022 година ќе ја паметиме и по некои позитивни вестиа, ТРТ Балкан ви дава само мал дел од нив.

Први инфрацрвени снимки од Џејмс Веб

Најмоќниот телескоп навлезе во длабоката вселена и ги сними најострите инфрацрвени снимки од овој дел од универзумот. Американскиот претседател Џо Бајден годинава ја објави јавно првата фотографија од вселенскиот телескоп Џејмс Веб, обезбедувајќи прозорец во некои од најдлабоките агли на универзумот досега невидени од човештвото.

Инфрацрвената слика прикажува илјадници претходно невидени галаксии, од кои некои изгледаат како да се вртат, како да се снимени во забавена снимка во движење додека другите ѕвезди сјаат блескаво во црнилото на вселената. Сликата на она што е познато како галаксиско јато SMACS 0723 е првата од серијата фотографии што ја објави НАСА.

Говорејќи во Белата куќа заедно со потпретседателката Камала Харис и администраторот на НАСА Бил Нелсон, Бајден ги нарече фотографиите „историски момент за науката и технологијата, за астрономијата и вселенското истражување за Америка и целото човештво“.

„Овој телескоп отелотворува како Америка го води светот не по примерот на нашата моќ, туку преку моќта на нашиот пример“, рече Бајден.

Анадолскиот леопард се појави по 48 години

Турското Министерство за земјоделство и шумарство ги објави првите снимки од анадолскиот леопард по 1974 година и тоа на 4 локации.

Леопардот е снимен со камера-мамка, а на снимките се гледа како тој се движи во своето природно живеалиште во Туркије. Последен пат овој вид леопард е виден во 1974 година.

Министерството не ја сподели точната локација на нивното природно живеалиште заради нивна заштита.

Снимката е споделена од Министерството по повод Меѓународниот ден на биолошкиот диверзитет, кој се одбележува на 22 мај, во обид да се зголеми свеста за прашањата за биолошката разновидност и за повиците за дејствување во правец на заштита на биолошкиот диверзитет на планетата.

Мравките можат да намирисаат канцер

Француски научници открија дека мравките може да детектираат канцер подобро и од кучињата. По неколку минути тренирање, овие инсекти може да ги разликуваат здравите човечки клетки од канцерогените човечки клетки, објави францускиот Национален центар за научно истражување.

Истражувачите гледаат потенцијал и во детектирање на наркотици, експлозиви или други болести со помош на мравките.

Озонската дупка се намалува

НАСА и Националната управа за океани и атмосфера објавија дека се намалува озонската дупка. Озонот го штити животот на Земјата од сончевото УВ зрачење кое може да доведе до рак на кожата и слепило.

Во далечната 1985 година, научниците открија огромна озонска дупка предизвикана од хемикалии наречени CFC, кои се наоѓаат во аеросолите, ладилните средства и климатизацијата. Научниците ја следеа озонската дупка со 3Д слики и објавија дека таа би можела да заздрави до 2070 година, благодарение на огромната глобална соработка.

Тест на првата вакцина против СИДА

Меѓународна иницијатива за вакцина против СИДА (IAVI) и Модерна ги најавија првите тестови на луѓе за мРНА ХИВ вакцина во Јужна Африка. Иако во последните децении е постигнат голем напредок во справување со ХИВ вирусот кој предизвикува СИДА, сепак бројот на нови инфекции се зголемува. Досега над 40 милиони животи се изгубени поради СИДА, а вакцината може да доведе до спасување на милиони животи.

TRT Balkan Macedonia

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK