Авиокомпаниите „Етихад“ и „Емирејтс“ се на самиот врв на глобалното рангирање на најбезбедни авиокомпании во 2022 година, според анализата на агенцијата за анализи на воздушни несреќи со седиште во Хамбург (JACDEC).
Водечката германска авиокомпанија „Луфтханза“ се најде на 14-то место по безбедност на глобалното рангирање на 25 најголеми компании.
Меѓународниот воздушен сообраќај беше главно безбеден во 2022 година, по прекините поради пандемијата на коронавирус, се вели во извештајот.
Аналитичарите, сепак, предупредуваат дека нов извор на неизвесност е руската војна против Украина.
Руската авиокомпанија „Аерофлот“ беше оценета значително полошо во новото рангирање – 25-то место .
Според експертите, најлошата авионска несреќа минатата година е падот на Боингот 737-800 на „Чајна Истерн Ерлајнс“ на 21 март во која загинаа сите патници и членови на екипажот – вкупно 132 лица.
Минатата година JACDEC регистрираше вкупно 19 воздухопловни несреќи во светот во кои немаше преживеани, со вкупно 233 загинати лица, односно 60 повеќе од 2021 година, кога, сепак, како што беше наведено, бројот на летови беше значително помал .
Во последните 10 години во авионски несреќи во просек загинале 372 лица.
Индексот на ризик на JACDEC се заснова на податоци за несреќи за секоја поединечна авиокомпанија во последните 30 години, специфичното опкружување на земјата во која работи и специфичните фактори на ризик.
Иако теоретски е можно да се постигне вредност на индексот од 100 поени, ниту најдобрите авиокомпании не успеваат да го направат тоа.