Голем дел од Американците очекуваат економски тешкотии и во новата година, откако високите трошоци за живот и инфлацијата ја влошија 2022 година, покажуваат денеска објавените резултати од најновата анкетата на Галуп.
Речиси 80 отсто од испитаниците очекуваат дека новата година ќе донесе поголеми економски тешкотии од 2022 година, а две третини од нив предвидуваат голем пораст на цените, покажува истражувањето на Галуп спроведено од 5 до 19 декември.
„Нешто повеќе од половина од испитаниците очекуваат поголема невработеност, проблем од кој САД беа поштедени во 2022 година“, наведува американската консултантска компанија.
Дури 80 отсто испитаници очекуваат повисоки даноци во 2023 година, а речиси ист процент од нив предвидуваат уште поголем буџетски дефицит отколку во 2022 година.
Песимизам преовладува и во прогнозите за берзите, 63 отсто од испитаниците очекуваат пад на берзите.
„Американците веќе беа попесимисти во нивните очекувања за економијата на крајот на минатата година отколку на нејзиниот почеток и во 2021 година, што се совпадна со високите цени на горивата“, забележува Галуп.
Кон крајот на годината цените на горивата се намалија од високите нивоа што ги достигнаа во јуни, па нивните очекувања благо се подобрија, но останаа на негативна територија поради упорно високата инфлација, падот на берзите, високите каматни стапки и стравот од рецесија.
На второ место на листата на главни проблеми во САД во 2022 година односно 16 проценти од испитаниците ги посочиле инфлацијата и високите трошоци за живот, а на трето место е економијата за што се изјасниле 12 отсто од испитаниците.
На прво место е владата, која според анкетата на Галуп, речиси една петтина од испитаниците ја оцениле за најголем проблем во 2022 година
Следете не, не има насекаде