Од специјалниот известувач од Вимблдон
Во понеделник во Лондон почнува 137-то издание на најстариот тениски турнир Вимблдон, кој, многумина тенисери, го сметаат и за неофицијално светско првенство. Во наредните две седмици, најдобрите светски тенисери и тенисерки ќе се обидат да триумфираат во некоја од петте категории: машка, женска, игра во двојки и микс двојки.
После многу години доминација на големата тројка Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер, овој пат за главен фаворит се смета Италијанецот Јаник Синер. Повредата на коленото на Роланд Гарос и операцијата која потоа уследи, одат во прилог на сомнежот дека Ѓоковиќ е недоволно подготвен да ја освои својата осма вимблдонска титула. Сепак, во полза на Србинот оди релативно лесниот жреб, во кој во првата седмица од турнирот може да се сретне со двајца квалификанти или еден учесник со вајлд карта.
Бранителот на титулата и победникот на овогодинешниот Роланд Гарос, Шпанецот Карлос Алкарас, исто така, е фаворит на турнирот, меѓутоа за тоа да го оствари ќе мора да победи во евентуалното полуфинале со Јаник Синер, до кое ако дојде, тоа ќе се смета за финале пред финалето.
Наспроти очекувањата и испланираниот пат до завршницата за главните фаворити, како и секоја година, можни се изненадувања и некој од фаворитите да биде елиминиран од послабо рангираните тенисери, и тоа уште во првата седмица од турнирот. Такви попатни „нагазни мини“ особена се закана за главниот фаворит Синер, кој во однос на конкурентите Ѓоковиќ и Алкарас има најтежок распоред и го очекува во осминафиналето евентуален натпревар против четиринаесето рангираниот Американец Бен Шелтон, а во четвртфиналето, евентуално против петорангираниот, Русинот, Даниел Медведев. Доколку Италијанецот успее да ги помини сите искушенија и го осови турнирот на најдобар начин ќе потврди дека во моментов е најдобар тенисер на светот, и со реални шанси така да ја заврши и годината.
Во женска конкуренција, неизвесноста, најверојатно, ќе биде присутна до самото финале, бидејќи нема изразит фаворит. Првопласираната на ВТА листата Ига Швојтек од Полска, е номинален фаворит, но никако во кариерата не успева да пронајде игра за тревната подлога, а со тоа и вимблдоснкиот грен слем ѝ останува неостварена желба. Оттука, можно е Елена Рибакина од Казахстан да го повтори успех од 2022 или Ирина Сабаленко од Белорусија, која е гладна за триумф на Вимблдон. Во трката за победник можат да се вмешаат и Онс Жабур од Тунис, која, по двете последователно изгубени финалиња во Вимблдон, се надева на трета среќа, потоа Коко Гаф од САД или сосема некоја друга.
Оваа година наградниот фонд е зголемен на рекордни 50 милиони фунти (околу 59 милиони евра), што е за 11,9 отсто повеќе од 2023., кога тој изнесуваше 44,7 милиони фунти. Победниците во поединечна машка и женска конкуренција ќе добијат по 2.7 милиони фунти (3.2 милиони евра), додека поразените по 1.4 милиони фунти (1.65 милиони евра).
Од најпрестижниот тениски турнир ќе известуваат околу 400 новинари од над 50 земји, но, поради војната во Украина, не и од Русија и Белорусија, иако нивните тенисери во двете конкуренции се меѓу првите десет. Како и на претходните четири вимблдонски турнири, и оваа година Макфакс и Топспорт ќе имаат свој известувач од сите четиринаесет турнирски денови.
Ненад Живановски
The post Во понеделник почнува тенискиот турнир во Вимблдон appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде