ноември 23, 2024
Премиерот Димитар Ковачевски и неговите колеги од Црна Гора и Србија – Дритан Абазовиќ и Ана Брнабиќ, очекуваат регионот да продолжи да покажува единство и солидарност. Во изјава за „Танјуг“, прашани како го гледаат регионот во 2023 година, тие истакнаа дека очекуваат дека ќе се случат важни чекори кои, како што велат, ќе значат целосно нов почеток за Западен Балкан кој има што да понуди и на Европа и на светот.

Во однос на Македонија, Ковачевски смета дека 2023 ќе биде подобра од 2022 година, за земјава но и за регионот, а евентуалните пречки, вели, очекува да се надминуваат со веќе докажаната и покажана солидарност, јави дописникот на МИА од Белград.

„Никој сам не може ништо, затоа ние секогаш инсистираме и ќе инсистираме на добрососедство и солидарност. Кога човек има пријатели и поддршка, и ако работи напорно, не постои недостижна цел“, изјави Ковачевски.

Тој потенцира дека сите ќе имаат корист од ефектите од заеднички вложениот труд и од реализираните проекти.

„Како резултат на многубројните договори и меморандуми во рамките на ‘Отворениот Балкан’, меѓусебната трговија расте, настапуваме заедно со нашата винска и туристичка понуда, поедноставувајќи го пристапот до пазарот на трудот. Очекувам дека тоа ќе биде мотив и други земји од регионот да се приклучат на иницијативата со која Западен Балкан станува европски и отворен во практична смисла на зборот“, рече Ковачевски.

Српската премиерка Ана Брнабиќ, пак, изјави дека Србија ќе продолжи да биде длабоко посветена на иницијативата „Отворен Балкан“ и на сите други регионални иницијативи и во оваа нова година.

„Со нетрпение очекувам да се воведе електронска идентификација за сите граѓани како дел од иницијативата ‘Отворен Балкан’ – ИД картички, кои ќе ни овозможат да ги преминуваме границите без никакво задржување, практично да нема граници меѓу нас и да имаме непречен проток на стоки, луѓе, капитал и услуги“, рече таа, додавајќи дека едвај чека да ги види граничните премини каде ќе има единствена означена лента за камиони и патнички возила од земјите од „Отворен Балкан“.

Брнабиќ рече дека акцентот го става на „Отворен Балкан“ бидејќи таа е „наша сопствена, автохтона иницијатива, покрената од нас од регионот“. Таа изрази искрена надеж дека, полека, на иницијативата ќе ѝ се придружат и другите партнери од регионот.

Абазовиќ, пак, во 2023 година очекува сите во регионот да бидат помудри и посветени на пријателството и заедништвото, и меѓусебно да се гледаат како пријатели кои ќе градат заедничка иднина за доброто на сите граѓани, а истовремено ќе го зголемат животниот стандард. Досегашната, спротивна на тоа практика, подвлече црногорскиот премиер, е неопходно да се промени.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, на истото прашање, за „Танјуг“ истакна дека смета дека настаните од изминатите децении, како и актуелниот конфликт во Источна Европа, ќе влијаат на развојот на настаните во регионо. Во такви околности, вели тој, тешко е да се биде оптимист, но истовремено потенцира и дека, според него, нема основа ни за песимизам.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK