октомври 7, 2024

Аферата „Конти“ што пукна пред некој ден и каде според проценките македонските граѓани изгубија околу 10 милиони евра сеуште ја тресе Македонија. Се работи за пирамидална шема со која лицата вложуваат пари со надеж дека со минимален влог ќе заработат од кликање на линкови за филмови се со цел да ја кренат гледаноста.

Во Македонија дури се отвориле и две канцеларии во Радовиш и Кавадарци се со цел играта да добие на популарност. Кавадарчанецот Александар Димков (26), беше еден вид на менаџер на Конти Македонија, односно лице кое ја отвори првата Конти канцеларија во земјава. Тој за „Фокус“ вели дека целиот гнев и разочарувањесе насочени кон него. Тој додава дека добива и бројни закани и дека размислува да пријави во полиција.

Открива дека само од Кавадарци имало околу 8.000 лица кои уплатиле, и околу 90 проценти од нив заработиле од играта. Како што вели, и тој е помеѓу оние кои заработиле, но откако апликацијата паднала, и дел неговите средства останале заробени.

„Зад апликацијата стои Конти Интернационал, компанија од Обединетото Кралство. Кај нас, во Македонија, Конти дојде преку Словенија. Јас се вклучив во април во играта. Кога стигнав до трето ниво, добив еден вид на награда, отворање на канцеларија. Ја отворив канцеларијата во Кавадарци чија намена беше информационо биро, и постојано доаѓаа заинтересирани граѓани, имавме презентации околу тоа како функционира шемата.

На сите им беше кажано дека средствата кои ги уплаќаат, не ги уплаќаат кај мене на сметка, туку ги уплаќаат на апликацијата. Исто така, убаво беше појаснето дека гаранции нема. Но, факт е дека многу луѓе заработија, барем во Кавадарци, каде најмногу се распространи играта, во добивка се околу 90 проценти од учесниците. И јас заработив пари, но поголемиот дел ги вложив во апликацијата, ете не знаев дека целата работа ќе згасне. Да сум знаел, ќе ги повлечев моите пари, но тоа е веќе завршена работа“, раскажува Александар.

Тој додава дека кога ја отворил канцеларијата, од англиската компанија му платиле кирија и тековни сметки за еден месец, а потоа прекинале со плаќање. Сега канцеларијата била затворена, бидејќи се наоѓала во изнајмен објект, чиј сопственик се плашел дека некој од оштетените играчи може дојде и да направи штета.

Канцеларија повеќе нема, но јас сум тука. Во градот сум, функционирам нормално, нема што да се кријам, ниту пак да бегам. Сите кои беа дел од Конти ги знаеја правилата, кои не ги диктирав јас, туку Конти Интернационал. И да не заборавиме, ова е на светско ниво, не е само во Македонија, значи од целиот свет имаше околу два милиони играчи, и сите немаат пристап до средствата“, појаснува Александар.

Вели дека и самиот е изненаден од тоа колку бргу и масовно се распространила Конти шемата, од обемот и вниманието кој целиот случај го доби. Додава дека на играчите им биле појаснети правилата од почеток, и се помириле дека може да добијат, но и да изгубат. Најверојатно поради тоа, барем досега никој официјално не го пријавил случајот во полиција.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK