Премиерот Христијан Мицкоски предлага преговарачката рамка со Европската унија да биде направена по урнек на Преспанскиот договор, што значи дека Бугарите ќе бидат внесени во македонскиот Устав, но тоа ќе важи кога Бугарија ќе го ратификува нашиот прием во ЕУ, на ист начин како што Грција прва го ратификуваше приемот на Северна Македонија во НАТО.
Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала како што е Преспанскиот договор кој велеше дека амандманите ќе станат ефективни кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО. Велат дека Преспанскиот договор бил ремек дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме тоа, уставните амандмани да важат кога Бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме, рече Мицкоски во интервју за јавниот сервис МРТ.
Тој тврди дека имаме поддршка од 26 земји членки да станеме дел од европското семејство, некои се погласни, некои не толку гласни поддржувачи, но за сите нив „не е важно какво ќе биде решението, туку да има решение.“.
„Многумина велат таа преговарачката рамка и е јасна. Да, но нејасен е патот и целта. Тоа е проблемот. Не би се сложил со констатацијата дека мнозинството граѓани мислат дека овој процес на преговори нас ќе ни ги реши сите проблеми како животната средина, повисок стандард, повисоки плати и така натаму“, рече тој и додаде дека „преговарањето не значи членство, туку подразбира процес во кој ние ќе го зголемуваме капацитетот на институциите и ќе добиеме поинакви вештини во рамки на администрацијата. Од нас самите зависи дали сакаме да си ја завршиме домашната задача. Ние како Влада сакаме и сме фокусирани на тоа.“
Следете не, не има насекаде