Google планира да ги напојува своите центри за податоци со електрична енергија од нуклеарните централи сигнализирајќи дека ќе го следи примерот на другите технолошки гиганти во долгорочните планови за покривање на огромната потрошувачка на енергија на инфраструктурата за вештачка интелигенција.
Google планира брзо и безбедно да ги поврзе првите мали модуларни реактори (SMR) на калифорниската компанија „Каирос повер“ на мрежата до 2030 година и да инсталира повеќе реактори до 2035 година, се вели во соопштението објавено денеска.
„Договорот ќе обезбеди вкупно до 500 мегавати нова енергија без јаглерод за американската електрична мрежа и ќе им помогне на повеќе заедници да уживаат во придобивките од чистата и достапна нуклеарна енергија“, рече директорoт во Google, Мајкл Терел. Терел во интервју за „Фајненшл тајмс“ рече дека нивниот план е да користат шест или седум електрани. Сè уште не е јасно дали струјата од реакторот ќе влезе во мрежата или директно во центрите за податоци.
Финансиските детали од договорот се исто така матни бидејќи Google не прецизира дали има намера да ја кофинансира изградбата на електраните или само да купува струја од нив. Посебна карактеристика на малите реактори на „Каирос“ е ладењето со стопени флуоридни соли. Компанијата тврди дека таков модел на ладење е побезбеден од оној на конвенционалните реактори, кои користат вода бидејќи не вклучува загревање до точка на вриење.
Минатата година „Каирос“ доби дозвола за изградба на првиот пробен модуларен реактор во американската сојузна држава Тенеси. Вештачката интелигенција бара големи количества електрична енергија, а Google најави дека сака да биде климатски неутрален до 2030 година и моментно ги неутрализира емисиите на јаглероден диоксид (CO2) со мерки како што е садењето дрвја.
Уделот на чиста електрична енергија во центрите за податоци и канцелариите на Google минатата година изнесуваше 64 отсто, но емисиите на јаглероден диоксид се зголемија 13 отсто пред една година. Од почетокот на годината и Amazon и Microsoft потпишаа договори, кои предвидуваат снабдување на центрите за податоци со електрична енергија од нуклеарните централи.
Во март Amazon купи центар за податоци напојуван со електрична енергија од нуклеарни реактори од „Тален енерџи“. Во септември Microsoft потпиша договор со Constellation Energy за враќање на производството на електрична енергија во нуклеарната централа Tree Mile Island, местото на најлошиот нуклеарен инцидент во американската историја.
The post AI ќе троши огромна количина струја, Google тоа ќе го решава со нуклеарна енергија appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде