декември 22, 2024

Четири лица од вкупно петте кои вчера беа тешко повредени во сообраќајната несреќа кај Катланово се хоспитализирани на КАРИЛ при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Директорката на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) Марија Срцева во изјава за Курир вели дека две лица се во критична состојба.

-Сите четворица пациенти се хоспитализирани во Единицата за интензивно лекување и сите се со тешни телесни повреди, од кои двајца се во критична состојба. Двајца од нив се оперирани веднаш по приемот. Лекарските тимови кои од синоќа се дополнително зајакнети се борат за нивниот живот и го пружаат потребниот здравствен третман и нега, вели Срцева за Курир.

Од Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (стара Градска), истакнуваат дека едното лице повредено во сообраќајката, кое било донесено кај нив, е со полесни повреди и во стабилна состојба.

МВР претходно информираше дека три лица го загубија животот, а петмина се тешко повредени во сообраќајната несреќа која се случила во 17:35 часот, патничко возило „форд транзит“ со скопски регистарски ознаки, управувано од О.Д.(32) од Велес, излетало од патот и се превртело.

-Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А.Н.(37), Ј.А.(47) и Д.Ц.(66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош. Додека, со тешки телесни повреди се здобил возачот О.Д. и сопатниците З.С.(59), В.З.(67), Н.Н.(33) и Б.П.(41), сите од Велес, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје и Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, посочуваат од МВР.

Увид на местото на несреќата извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телата на починатите биле предадени на обдукција.

-Основното јавно обвинителство Скопје интензивно презема дејствија за утврдување на причините за вчерашната тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Велес. Во текот на ноќта издадени се повеќе наредби за вештачење на траги пронајдени на лице место и за обдукција на починатите, информираат од Обвинителството.

Комбето е подигнато од местото на несреќата и ќе се врши и вештачење со цел да се испитаат сите околности кои довеле до настанот.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK