декември 23, 2024

Единицата за интегритет на спортовите во вода (AQIU) го суспендираше италијанскиот машки ватерполо тим на шест месеци поради вербални и физички напади на официјални лица по поразот од Унгарија во четвртфиналето на Олимписките игри во Париз.

Ватерполо сојузот на италија доби и парична казна од 100.000 долари, од кои 50.000 долари мора да се платат во рок од 90 дена, додека 50.000 долари се условни и ќе бидат активирани во случај на ново прекршување на Кодексот до 17 октомври 2026 година.

Во четвртфиналето на олимпискиот турнир, Италија загуби од Унгарија по изведувањето на пенали. Еден од клучните моменти се случи на крајот на втората четвртина кога судиите го исклучија Франческо Кондеми поради брутален фаул.

Италијанецот шутираше кон голот и откако ја испушти топката, со раката по главата го удри Јаншик. На Италијанците им беше поништен голот, останаа со играч помалку во следните четири минути, а Унгарците добија и пенал.

Италијанците полудеа по судиската одлука, а правдата ја бараа по мечот.

„Италијанскиот тренер Сандро Кампања и дел од играчите вербално и физички ги нападнаа судиите и делегатите на паркингот пред базенот по натпреварот“, соопшти АQIU.

Интересно, AQIU потврди дека потегот на Франческо Кондеми е легитимен и не требало да биде исклучен. Сепак, AQIU потенцира дека однесување на Италијанците е неприфатливо во кој било спорт и особено му штети на глобалниот имиџ на ватерполото.

Раководството на Ватерполо сојузот на Италија призна дека играчите и тренерите го прекршиле Кодексот за интегритет на спортовите во вода, кој забранува насилничко однесување, како и непослушност или нарушување на настаните.

Селекторот Кампања, исто така, напиша писмо до судиите и официјалните лица во кое се извинува за инцидентот, наведува AQIU.

Суспензијата започнува на 17 октомври, што значи дека Италијанците нема да можат да настапат на Светскиот куп. Сепак, ќе имаат право на настап на Светското првенство во водени спортови закажано за јули.

The post Италијанците суспендирани поради дивеењето на Олимписките игри appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK