Следните 24 месеци, на доктори во мали места ќе им биде дозволено да продолжат да работат без медицински сестри. Одлуката беше поздравена на прес-конференција попладнево по состанок на директорите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, со раководството на Здружението на приватни лекари (ЗПЛ) и координатори од градови.
Тема на разговор на денешната средба биле и бодовите по капитација, дестимулативните мерки, казните.
Претседателката на ЗПЛ, доктор Лилија Чолакова Дервишова на прес-конференцијата изјави дека дискутирале многу теми, а повеќе години немале вакви разговори.
Ги запознаваме двајцата директори за сите проблеми што се во примарното здравство сѐ со цел да направиме позитивен исчекор, да ги задржиме докторите, да ги задржиме сестрите. Најдовме заеднички јазик околу проблемот за руралните амбуланти, што навистина треба да ги сочуваме. Народот да се задржи таму, да се лекува и да биде еднаква пристапноста на сите граѓани во Република Македонија. Најдовме многу позитивен момент и прифаќање од страна на двајцата директори, во малите места, каде недостасуваат медицински сестри, докторите ќе продолжат да работат. Со тоа ги спасивме тие ординации, заради тоа што, едноставно, законите што беа направени многу одамна, веќе не се функционални, појасни Чолакова Дервишова.
Таа се заблагодари што во малите места ќе се продолжи со работа односно ќе продлжат здравстевните услуги и заштита за граѓаните.
Клековски истакна дека генерално се сложиле оти потребен е континуиран дијалог. Како што подвлече, очигледно било дека „дефицитот на кадар и неатрактивноста на примарната здравствена заштита бара преиспитување на целиот концепт“. Бидејќи со овој, како што појасни, многу бргу ќе се остане без матични доктори и во помали градови и во периферија на поголемите.
Мерките во однос на руралните доктори се темпирани на 24 месеци. Значи, ќе им биде дозволено да немаат медицински сестри следните 24 месеци, каде имаме системски поглед да дадеме на прашањето, законски поглед, како ќе функционираат понатаму тимовите. Зголемени се бодовите за руралните доктори. За 22.000 денари нето се зголемени фиксните примања на руралните доктори, имаат зголемени трошоци, можеби заради нивното патување до местото на ординација. Тоа е веќе договорено, решено. Одлуките се донесени, направени и стапуваат во сила, подвлече Клековски.
Подобро е, посочи, да има какво било здравствено лице присутно во руралните и во помалите места, отколку да нема никој.
Се надевам дека рокот што си го дадовме, 24 месеци, е изводлив за да најдеме трајно решение, бидејќи јасно е дека ќе има сѐ помалку здравствени работници во иднина, рече Клековски.
Како што рече, спремни биле да ги погледнат сите казни заедно со Здружението, па да бидат казнувани само повторливи дејства и дејства во однос на лажни боледувања. За овие прашања било договорено да имаат работни групи и да има рок да финализираат, до средината на декември.
Тој се осврна и на безхартиеното работење на ординациите.
Секако разбираме дека има сѐ помалку луѓе за работа и дека треба бесмислената администрација да ја намалиме, две работи веќе можевме да ги обзнаниме, работиме на е-рецепти, што до крајот на полугодието 2025 треба да бидат во пробна употреба и во функција, каде комплетно ќе се елиминира хартијата и кај матичните доктори и кај аптеките и кај Фондот, поврзано со рецепти и ќе ги дигитализираме сите анекси за околу 1.500 ПЗУ за да тие може да се потпишуваат дигитално, да нема потреба да доаѓа хартија, потпишување и слично, информираше Клековски.
До средината на декември треба да се донесе одлука и околу превентивните мерки.
Во однос на превентивните мерки, исто рокот е до 15-ти да постигнеме согласнот, бидејќи треба да ги погледнеме финансиските ефекти, размислуваме за укинување на некоја од претходните цели, како дијабетот, бидејќи веќе Регистерот за дијабет функционира соодветно, да додадеме нови цели поврзани со онкологија. Затоа што, мораме да размислуваме како да се подобри превенцијата на најчестите форми на рак во земјава и за тоа ќе имаме заедничка одлука, додаде Клековски.
На новинарско прашање, колкаво зголемување на капитацискиот бод се бара и со што би биле задоволни, доктор Чолакова Дервишова информираше дека барањето е бодот да биде 100 денари.
Ние дадовме аргументи со што ги споредивме колку биле, на пример, просечните плати во 2021, во 2001, хронолошки и колку се сега и колку се сите трошоци. Елабориравме кои се фиксни, а кои се трошоци зголемени во однос на инфлации, сѐ што се случува, колку пати се зголемувало во јавно здравство, колку кај нас, така да, сега барањето беше 100 денари да биде бод. Нашето барање е од јануари, се надеваме оваа влада ќе излезе пресрет на сето ова, рече таа.
Чолакова Дервишова нагласи дека тие бараат сигурност, да не си заминуваат медицински сестри во јавното здравство.
– Бараме сигурност, да можеме и ние на нашите вработени да им дадеме квалитетни плати, да може да исплаќаме К-15, да ги задржиме и да нема прелевање кадар од кај нас во јавното здравство. Бидејќи ако постојано се покачува во јавно здравство, тогаш нашите медицински сестри ќе се прелеат, а не е суштината да го дестабилизираме примарното здравство, што е основниот чувар на здравствениот денар за сите нас, заклучи таа.
Клековски рече дека на 3 декември ќе биде познато колкав ќе биде буџетот на Фондот за здравство.
Следете не, не има насекаде