декември 26, 2024

 Албанската министерка за Европа и надворешни работи Олта Џачка изјави дека „со големо внимание и загриженост ги следи сите настани на Косово и сме во близок контакт со нашите партнери“.

– Конструктивната одлука на Косово за одложување на изборите во северниот дел беше правилна одлука, но за жал не успеа да ја деескалира ситуацијата, како што требаше да се случи. Бојкотот на институциите, неприфатливите акти на насилство од страна на некои групи косовски Срби против косовската полиција, против ЕУЛЕКС, против новинари, дополнително ја влошија ситуацијата, создавајќи според нас неоправдана, неприфатлива вештачка тензија што можеше да ја направи полоша од она што видовме досега, посочи Џачка.

Таа додаде дека Албанија упатила координиран повик до сите нејзини партнери и сојузници да се стави крај на овие дела и да се отстранат барикадите.

– Ние сме уште порешителни да го поддржиме Косово. Албанија цврсто го поддржува владеењето на правото во северниот дел на Косово. Исто така, го осудуваме нападот што вчера се случи таму врз двајца државјани на Косово од српска етничка припадност и го поздравуваме она што го направи косовската полиција со брзо дејствување во обид да го расветли овој сериозен настан, но и во обид да гарантира безбедност за сите граѓани на Косово, вклучително и оние со српска етничка припадност, посочи Џачка.

Таа истакна дека вистинско долгорочно и одржливо решение на овие тензии може да дојде само преку договор за меѓусебно признавање.

– Ние апсолутно го поддржуваме овој пристап. Суверенитетот на Косово е неповратна реалност и колку побрзо оваа реалност биде прифатена од Србија, толку подобро ќе биде за стабилноста, просперитетот и европската интеграција на нашиот регион, наведе Џачка.

Таа оцени дека националистичката реторика и заканите за воено решение само ја подгреваат тензијата и оти Албанија секогаш била против тоа. 

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK