јануари 10, 2025

Поминаа пет години откако Зорица Божинова од Гевгелија стана првата жена машиновозач во Македонија, но нејзината желба да работи во „Македонски железници“ не се оствари.

Државната компанија, која најчесто служи за партиски вработувања на нестручни кадри, а не на квалитетни поединци, заборави на Зорица иако таа ги исполнува сите критериуми.

Зорица ја засакала железницата уште како мала. Пораснала на железницата со оглед на тоа што нејзиниот татко неколку децении бил вработен во „МЖ Транспорт“. Била едно од оние железничарски деца што немале друг избор за превозно средство освен возот, но и кога се возела, обожавала да се вози во локомотивата.

– Секоја пасија си има свое огниште. Уште од мала ја имав желбата да бидам дел од железницата, но тоа го сфатив сериозно кога во СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје отворија железничката струка каде што ми се даде можност за збогатување на знаењето за машиновозач, како и понатамошно добивање лиценца за машиновозач – открива Зорица.

Во секоја држава што ја посетува се вози со воз.

– За да добиеш лиценца за машиновозач, треба да ја поминеш цела железничка пруга низ Македонија. Но ако зборуваме до каде сум била со воз, во секоја држава што ја посетувам сакам да го почувствувам транспортот на шини, некако тоа ми прави ќеф заедно со сите туристички атракции. Цело време имам поддршка од целото мое семејство. Сега имам две деца и девојчето многу сака возови, уште од три години сме на исто ниво на возбуда кога ќе видиме воз – вели Божинова.

Полагањето за лиценца го завршила на 11 декември 2018 година, а лиценцата ѝ била врачена на 8 март 2019.

– Прво завршив средно образование: машиновозач за дизел и електрични влечни возила. Потоа бев три месеци на пракса во депо, а откога го завршив тој дел, три месеци бев на пруга како трето лице помошен машиновозач.
Кога го завршив и тој дел, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје полагав испит од два дела за проверка колку знаење сум стекнала во тие шест месеци. Со сите процедури, односно со полагањето како последно нешто за добивање на лиценцата, завршив на 11 декември 2018 година, а веќе следниот ден излезе конкурс за машиновозач на кој аплицирав зашто бараа и во подружницата Гевгелија три извршители, помошник-машиновозач – приправник.

За жал, не бев примена на конкурсот, иако бев единствено женско со положена лиценца за машиновозач, која требаше да ми ја издадат во рок од 30 дена, а мене ми беше врачена дури на 8 март 2019 година – се присети Зорица на лошото искуство при обидот да стане вработен професионален машиновозач во „МЖ Транспорт“.

Зорица не добила ниту ветување дека такво нешто ќе се случи и во меѓувреме работи во компанија каде што е презадоволна. Но, горчливиот вкус од тоа што никој немал слух за неа и покрај медиумската фама што се кренала околу тоа, останал и по пет години.
Извор: Факултети.Мк

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK