Војвотката од Сасекс, Меган Маркл, не прекинува со новитетите. Откако заврши нејзиниот ексклузивен договор со „Спотифај“, Меган брзо најде нов дом за нејзините аудио проекти, а исто така зачекори и во светот на телевизијата со емисија за стилот на живот. Со нов подкаст и шоу на „Нетфликс“, војвотката продолжува да ја гради својата медиумска кариера.
Само осум месеци по раскинувањето на договорот со „Спотифај“, Меган соработува со „Лемонада медиа“, независна мрежа за подкаст позната по својот квалитет и привлечна содржина, пренесуваат странските медиуми.
„Лемонада медиа“, основана во 2019 година од Џесика Кордова Крамер и Стефани Вителс Вакс, произведува популарни подкасти како „Помудар од мене со Џулија Луис-Драјфус“ и „Тешки чувства со Џенет Макурди“.
Со ова партнерство, Меган не само што лансира сосема нов подкаст, туку ќе го реобјавува и нејзиниот претходен подкаст „Архетипи“, кој беше достапен исклучиво на „Спотифај“.
Подкастот „Архетипи“, серија од 12 епизоди, ги истражуваше стереотипите и етикетите со кои се соочуваат жените, а Меган беше домаќин на познати личности како Серена Вилијамс, Мараја Кери и Минди Калинг.
„Горда сум што се придружувам на брилијантниот тим на ‘Лемонада’ и што продолжувам со мојата љубов кон подкастингот“, рекла Меган.
Новиот подкаст, насловен „Исповеди на една жена претприемач“, ќе биде премиерно прикажан на 8 април 2025 година. Станува збор за серија од осум дела во која Меган ќе ги сподели своите искуства и приказни од деловниот свет, заедно со разговори со други значајни жени претприемачи. Слушателите ќе имаат можност да слушнат нефилтрирани приказни за успесите, предизвиците и пречките со кои се соочиле овие жени на нивното патување.
„Преку нашите пријателства и врски, ние сме во состојба да нурнеме во сознанија што секој сака да ги знае додека градат бизнис, и кои можам да ги користам додека градам сопствен бизнис, како што секогаш сум правела“, рекла Меган.
Џесика Кордова Крамер од „Лемонада медиа“ ја изрази својата возбуда за партнерството: „Почестени сме што Меган ни ја даде својата доверба за да помогнеме во демократизацијата на пристапот до „Архетипови“ и што толку многу луѓе ширум светот наскоро ќе имаат пристап до серијата“.
Покрај подкастот, Меган неодамна дебитираше и на Нетфликс со нејзиното животно шоу „Со љубов, Меган“. Шоуто, чија премиера беше прикажана во март 2025 година, ја следи Меган додека е домаќин на пријатели, споделувајќи совети за готвење, уредување на домот и начин на живот воопшто.
Сепак, „Со љубов, Меган“ не беше дочекан со ентузијазам кај критичарите и публиката. Многумина го нарекоа „его патување“ и го критикуваа прекумерното фокусирање на самата Меган. Шоуто доби лоши критики од критичарите и публиката. И покрај тоа, Нетфликс започнува со втора сезона, која треба да излезе оваа есен.
Следете не, не има насекаде