Владата на Република Северна Македонија спроведува здрави политики кои дадоа соодветен одговор на кризата и поставуваат основа за натамошен долгорочен развој. Водиме претпазлива фискална политика, која ја штити стабилноста на јавните финансии и посветено работиме на намалување на буџетскиот дефицит, кој годинава е проектиран на ниво од 4,6 отсто од БДП, а наредната треба да се спушти на ниво од 3,4 отсто од БДП.
Ова, како што соопшти Министерството за финансии, го порачал министерот Фатмир Бесими на Форумот на Централна и Источна Европа на Еуромани, што се одржува во Виена, Австрија.
-За политиките што ги спроведуваме земјата доби потврда и од ММФ со можноста за пристап до средства од Програмата за ликвидност и претпазливост (ПЛЛ). Претпазливата фискална политика што ја спроведуваме ја заштити стабилноста на јавните финансии. Посветени сме на намалување на буџетскиот дефицит, кој оваа година треба да се намали на ниво од 4,6 отсто од БДП и во следната дополнително да се намали на ниво од 3,4 отсто од БДП. Фискалната консолидација ќе се постигне преку мерки и на приходната и на расходната страна. Посветено работиме на приходната страна преку даночната реформа, а на расходната страна преку се потаргетирана поддршка. Дополнителен придонес во оваа реформска агенда е донесениот нов Закон за буџети кој дава среднорочна фискална рамка, со дефинирање на нивото на дефицитот и јавниот долг како оние во ЕУ. Клучно е дека нашата претпазлива фискална политика ќе оди заедно со зголемување на јавните инвестиции, истакнал министерот Бесими.
Тој додал дека во минатата година за да се одговори на шоковите што ги предизвика енергетската и ценовната криза, државата требаше да обезбеди 300 милиони евра. За тоа, како што посочи, биле побарани средства од ММФ преку ПЛЛ програмата и други инструменти кои беа со поповолни услови отколку да се издадеше еврообврзница. -Ги следиме состојбите на пазарите на капитал. Во годината што е пред нас треба да обезбедиме 800 милиони евра надворешно финансирање, од кои 450 милиони евра се за враќање на еврообрзницата која достасува за отплата во јули 2023 година. Осумдесет милиони евра буџетска поддршка се очекуваат во текот на овој месец од ЕУ за да се ублажи влијанието од енергетската криза, се разговара за евентуална макрофинансиска помош од ЕУ и поддршка од Светска банка преку програмите за развојни политики, нагласил Бесими.
-Нашите активности се фокусираат на заштита на јавните финансии, обезбедување здрави јавни инвестиции, подобрување на енергетските политики, справување со високата инфлација и поддршка на финансиската стабилност. Покрај поддршката од ММФ преку ПЛЛ инструментот, активностите што се планирани ќе постават основа за одржлив долгорочен раст по кризата, рекол министерот за финансии.
Тој потенцира дека структурните реформи за поттикнување на долгорочниот раст остануваат високо на нашата агенда и дека ќе се направат напори за зајакнување на образованието и активните политики на пазарот на трудот, зголемувањето на минималната плата и продуктивноста, како и економските реформи што ќе следат и се поврзани од започнатите пристапни преговори со ЕУ.
Министерот се осврнал и на поддршката што земјата ја дава за привлекување странски инвестиции, како и поддршката на домашните компании за зајакнување на конкурентноста, иновативноста и технолошкиот развој со цел тие да се приклучат на синџирите на снабдување на странските компании што се пристуни во земјата.
Министерот потенцирал дека и покрај глобалните предизвици кои значително ја погодија домашната економија, странските директни инвестиции остануваат на солидно ниво. Така за првите девет месеци од 2022 година тие достигнаа над 520 милиони евра. Тоа, според министерот, е потврда дека нашата земја останува атрактивна локација за инвестирање и во време на криза.
Неизбежна тема на конференцијата била и инфлацијата, како глобален проблем, со кој се соочуваат сите земји, вклучително и нашата. Министерот ги претстави мерките што ги презема земјата за справување со овој предизвик и соопшти дека во последните месеци од 2022 година инфлацијата постепено се стабилизра и има тренд на намалување.
На Форумот на Еуромани учествуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на финансиски институции инвеститори кои дискутираат за актуелни прашања поврзани со финансиските пазари и економиите во Централна и Источна Европа. Форумот е можност за средби помеѓу претставниците на економските политики, инвеститорите и економистите заинтересирани за овој регион.
The post Бесими: Фискалната консолидација дава резулати во намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг appeared first on 24 Инфо.
Следете не, не има насекаде