Македонската јавност добро се сеќава на прилепчанецот Петар Џобески, тогаш десетгодишно момче, кое исчезна во селото Врпско каде неговите родители чувале пчели.
Оттогаш поминаа три и пол години, а од детето се’ уште нема ниту трага, ниту глас.
Таткото на Петар, Стојо, вели дека повеќе од една година не бил контактиран од надлежните служби и не бил известен дали евентуално има било каков нов траг во потрагата.
„Последен пат кога ме повикаа, беше пред повеќе од една година. Ми зедоа примерок од плунка, за да се направи ДНК анализа. После тоа, никој ми се нема јавено. Останавме да живееме во неизвесност, и постојано во мислите си ги враќаме сликите од тој ден, кога нашето дете исчезна“, раскажува Стојо за порталот „Викимедија“.
Стојо објаснува дека првите денови од исчезнувањето на Петар, кога во Врпско биле присутни голем број на полициски службеници и инспектори, го распрашувале дали евентуално слушнал возило во движење во периодот кога го снемало детето. Додава дека во времето кога се трагаше по Петар, траг од стапка од детска чизма бил забележан кај последните куќи во селото. Момчето кога исчезнало носело гумени чизми, тренерки и елек.
„Беше обуен во гумени чизми, кои пред да и се смалат, ги носеше неговата сестра. Ни кажаа тогаш дека имало траг од чизмите кај последните куќи во селото, за друг траг не слушнавме ништо. Немаме информација ниту за траги од автомобилски гуми, а јас се сомневам дека кој и да дошол, кој и да го зел нашето дете, сигурно дека добро го познавал теренот и целата околина. Ние не знаеме самите што да направиме, ни преостанува само да чекаме информации од надлежните служби, но и од таму нема никаков глас веќе долго време“, вели Стојо.
Петар бил дете со попреченост и тешко комуницирал, но како што раскажуваше неговата мајка во повеќе наврати во минатото, тој бил мирно дете за кое целото семејство се грижело со љубов.
Неговата фотографија е објавена на официјалната страница за исчезнати лица при Министерството за внатрешни работи, со податоците за датум на раѓање и датум на исчезнување. Момчето има плава коса и црни очи, а кога исчезнало било високо околу 140 сантиметри и тешко околу 35 килограми.
Следете не, не има насекаде
