април 29, 2026

Трајко има 95 години и сѐ уште бере грозје и вози трактор во неговото лозје, сам копа 15 декари лозје. МИА го фотографираше овој неверојатно позитивен човек полн со живот, како со ноже ги откинува гроздовите од виновите лози во најголемиот лозаровинарски регион во државата, тиквешкиот.

Трајко Мицев бил роден во кавадаречкото село Куманичево, но, години наназад живеел во Кавадарци. Целиот живот го поминал со тешка физичка работа. Во земјоделски стопанства, дрвен комбинат и други места, а во слободното време работел на сопствениот земјоделски имот, но и аргатувал кај други луѓе.

За него ни кажаа дека секогаш бил рекордер во работењето, а другите како и да се плашеле некако од тоа колку бил вреден, бидејќи неговата пожртвуваност во работата, носела опасност од поголеми норми за работниците. Го осамнувало и стемнувало по нивите.

Ја слушнавме и анегдотата дека дури и тогаш кога млад ветеринарен доктор се откажал од крава и теле при породување, искусниот чичко Трајко успеал да ги спаси животите и на двете животни. Како добар работник, бил наградуван, праќан на едукации во странство и унапредуван. Дури и близу стотката, тој бил полн со идеи, иницијативи, бил главен организатор на работата, товарал вреќи со грозје во тракторската приколица.

Или, како што ни рекоа, ниту трагедиите што ги носи животот, не успеале да ја „скршат“ оваа „здрава машина“.

По смртта на сопругата, со која живееле во Кавадарци, веќе неколку години постојано престојува на својот земјоделски имот надвор од градот. Во лозјето. Тука има мал објект во кој има и струја и вода, телевизор и радио.

-Мобилниот телефон со кој се слушам со најблиските, го носам на вратот. Ако го носам во џебовите, ќе ми смета кога го возам тракторот, ни појасни тој.

Тој и на овие години посветено се грижи за неговиот лозов насад од 15 декари, како за мало дете. Со годините, некои работи веќе ги заборавил, но, никако не заборавил да го вози својот трактор сосе плугови или приколка и да ја обработува земјата што му раѓа прекрасни и вкусни плодови во лозјето и бавчата.

Беше среќен што го посетивме. За миг, одмори малку од работата, додека беше со нас. Разговаравме во природа, меѓу златните гроздови „смедеревка“ наредени на виновите лози како лампиони на новогодишна елка, комињето од грозје и казанот за печење ракија, кучето, мачињата и кокошките што му прават друштво во неговото лозарско царство, во кое некогаш одгледувал и свињи.

-Не ми е досадно тука сам. Мене ми е многу убаво тука. Кафето сам си го пијам. Кога бевме детишта пробав да пушам цигари како и некои мои другари, но, за кратко ги откажав. Не знам на што да благодарам за мојата долговечност, но, јас не сум одел по лекари во мојот живот. Убаво гледам и слушам. Во последно време имам троа болки во грбот. Ќе работам, додека можам. Јадам секаква храна, ни откри тој.

Неговите блиски ни кажаа дека во животот, можело да се напие по една чашка ракија и вино дневно, за здравје, но и да наздрави за здравје на своите деца и внуците.

-Никој да не се плаши од работа, работата го одржува човекот, порача тој.
МИА

The post Дедо Трајко на 95 години бере грозје, порачува – никој да не се плаши од работа appeared first on Шило Магазин.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK