„Со добар квалитет до голем успех“ е мотото на 23-годишниот фармер Никола Богдановски од скопското село Кадино, чиј детски сон да има своја фарма станал реалност.
„Уште додека бев мал кај мене се роди една голема љубов која е поинаква од другите, љубов кон животните. Почнав со неколку украсни џинки кокошки кои прераснаа во големи јата, па така како што поминуваа годините јас раснев заедно со мојата фарма. По неколку години видов дека можам да располагам со уште поголем број животни, па така во фармата додавав различни видови животни.“, ни раскажа Никола.
„Главна дејност ми се свињите и козите од кои произведувам месо и млеко. Нашата фарма е посебна по тоа што животните ги храниме со органски произведена храна за да добиеме органско млеко и месо. Оваа работа е еден од моите сонови кој полека станува реалност!
И покрај кризата и високите цени на житните култури летото успеав да купам околу 10 тона жито за прехрана на животните.
Во нашата фарма годишно имаме околу 120 мали прасиња кои се тука за нашите потрошувачи.
Од нашите кози имаме околу 20 мали јариња и преку целата година млеко и сирење исто така за нашите потрошувачи и за наша употреба.
Сето ова го правам со голема љубов и посветеност така што доаѓам до природна домашна храна.
Мојата поддршка е и моето 6-годишно братче Богдан кој цело време е со мене и ми помага околу фармата!“, вели Никола.
Никола е задоволен од пласманот и вели дека квалитетот е клучен за успешна продажба.
„Од пласманот сме задоволни бидејќи и нашите потрошувачи се исто така задоволни од нашето производство. Нè научија дека имаме добар квалитет и ќе продолжиме да го задржиме истиот квалитет бидејќи и ние дома ја користиме истата храна и знаеме како се храниме. Секој што сака да нè исконтактира може да нè заследи и на нашата фејсбук-страница Moja farma, каде што има наши податоци“.
Никола секој слободен миг од своето време го поминува со животните на неговата фарма.
„Околу фармата ми помагаат моите баба и дедо и моето помало братче Богдан кое исто така покажува голема заинтересираност кон фармата.“
Младиот Никола планира и во иднина да го следи својот сон и да ја зголемува својата фарма.
„Планираме уште да ја зголемуваме фармата, а со тоа и обврските ќе станат уште поголеми и ќе ни требаат вработени. Во иднина планираме нашата фарма да прерасне во уште поголема за да можеме сите наши потрошувачи да ги услужиме бидејќи побарувачката на нашите прасиња кое ни се главна дејност, растат.“
„Јас се одлучив да се занимавам со оваа работа бидејќи мислам дека е една добра и благородна работа, а срцето е полно со љубов. Секогаш кога ќе дојдам кај животните, мислам дека животот во секунда ми се менува а и тие, кога ќе ме видат веднаш ме позравуваат, секое на свој начин. Им се радувам кога ќе видам дека и тие ми возвраќаат на ист начин. Колку и да опишувам, малку е додека не се почувствува“, вели Никола.
The post На фармата на младиот Никола од Кадино: Се одлучив да одгледувам кози, свињи и живина, бидејќи мислам дека тоа е една добра и благородна работа appeared first on 24 Инфо.
Следете не, не има насекаде