април 20, 2026

Нова студија од научници од Медицинскиот факултет во Јеил открива дека не е самиот вирус на настинка (риновирус) тој што одредува дали ќе „се снајдеме“ или ќе завршиме со тешки симптоми.

Клучот е во раниот имунолошки одговор на телото, поточно во тоа како нашето назално мукозно ткиво реагира на инфекција.

Водачот на истражувањето, д-р Елен Фоксман, долго време го проучува имунолошкиот одговор на респираторните вируси, а особено е мотивирана од личното искуство – нејзиниот мал син има астма, чиј најчест предизвикувач е риновирусот. Традиционално, се сметаше дека алергиите предизвикуваат напади на астма, но подобрените методи за откривање на вируси покажаа дека риновирусот е всушност главната причина.

Научниците одгледувале модели на човечко назално ткиво во лабораторија кои имитираат вистински мукозни мембрани и ги инфицирале со риновирус. Преку современи методи како што е секвенционирање на РНК во една клетка, тие откриле дека ако носните клетки брзо произведуваат интерферон – протеин што го запира ширењето на вирусот – инфекцијата останува локализирана и предизвикува благи симптоми. Во овие случаи, помалку од два проценти од клетките се инфицирани, па затоа едвај ја чувствуваме болеста.

Сепак, кај луѓе со послаб интерферонски одговор, вирусите се шират многу повеќе, активирајќи поагресивни воспалителни процеси што доведуваат до зголемено производство на слуз, оштетување на дишните патишта и посериозни симптоми, особено кај луѓе со астма или хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ).

„Не е само вирусот тој што ја одредува сериозноста на болеста – нешто во самото тело го диктира исходот од инфекцијата“, вели Фоксман.

Научниците сега сакаат да откријат зошто некои луѓе природно имаат посилен интерферонски одговор, додека други немаат – ова би можело да отвори врата за нови терапии што би ги спречиле драматичните клинички слики на обичната настинка.

Истражувањето, објавено во престижниот магазин „Cell Press Blue“, е една од најдеталните студии досега за тоа како нашиот имунолошки систем одлучува на самиот почеток дали обичната настинка ќе остане безопасна или ќе се развие во сериозен здравствен проблем.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK