април 16, 2026

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека започнал процесот на одгасување на депонијата Вардариште, што според него претставува прв чекор кон нејзина целосна трансформација во голем парк.

Во објава на социјалните мрежи, тој посочи дека се работи за реализација на претходно дадено ветување, по спроведена физибилити студија. Во рамки на активностите, мапирани се 22 точки, односно бунари, преку кои ќе се собираат отпадните гасови што со години се акумулирале на оваа локација.

Од бушотините ќе се земаат примероци за анализа во сертифицирани лаборатории, со цел да се утврди нивното количество и состав. Паралелно со тоа, се одвива и процес на површинско расчистување на депонијата.

Според Ѓорѓиевски, целта е Вардариште да престане да биде симбол на запоставеност и ризик по здравјето, и наместо тоа да се претвори во нов јавен простор. Планот предвидува изградба на современ мега парк на површина од околу 300.000 квадратни метри, наменет за рекреација, спорт и подобрување на квалитетот на животната средина.

Дополнително, најавена е и изградба на мост кој ќе ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром, со што се очекува да се подобри сообраќајната поврзаност и да се намали метежот во овој дел од градот.

Градоначалникот истакна дека проектот има за цел да придонесе кон создавање поквалитетна и поздрава урбана средина за граѓаните на Скопје.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK