Општина Прилеп продолжува со инвестиции во подобрување на условите за детска игра и спорт, со фокус на создавање побезбедни, поквалитетни и функционални простори за граѓаните. Како дел од оваа политика, веќе е потпишан договор за изградба на ново детско игралиште со современи реквизити зад Участакот, во централното градско подрачје.
Паралелно, започнати се активности за изградба на уште едно игралиште во типската населба, во близина на стадионот со вештачка трева. Во истиот дел од градот, постоечкото игралиште кај црквата ќе биде целосно реконструирано поради неговата дотраеност, при што средствата веќе се обезбедени, а јавната набавка се очекува да биде објавена во наредниот период.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, посочи дека овие проекти се дел од поширок пристап за системско унапредување на инфраструктурата во сите населби. Во таа насока, во тек е и анализа на состојбата на постоечките игралишта, со цел да се утврдат приоритетите за реконструкција или изградба на нови содржини таму каде што е најпотребно
.
Дополнително, предвидена е реконструкција на спортските игралишта во основните училишта „Кочо Рацин“ и „Кире Гаврилоски“, каде ќе биде поставена современа тартан подлога, што ќе овозможи подобри услови за спорт и физичка активност на учениците.
Во рамки на инвестициите во спортската инфраструктура, планирана е и изградба на нова спортска сала во ООУ „Страшо Пинџур“ во Мало Коњари, што претставува значаен чекор за унапредување на условите за спорт во ова населено место.
Од Општина Прилеп информираат дека со овие проекти продолжуваат вложувањата во инфраструктура што придонесува за здрав развој, активен живот и повисок квалитет на живеење за сите граѓани.
The post Општина Прилеп инвестира во спорт и детска игра: Проданоски најави нови и реконструирани игралишта во повеќе населби во градот appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
