Традиционалната атлетска трка HalkEco Skopje Run 10K 2026 влегува во својата завршна фаза на пријавување, со последен рок до 29 април 2026 година (среда) или до пополнување на предвидениот број на учесници. Организаторите упатуваат финален повик до сите љубители на трчањето и активниот начин на живот да го обезбедат своето место на една од најмасовните градски трки во Скопје.
Настанот, кој ќе се одржи на 10 мај со почеток во 9.00 часот на бул. Илинден (во близина на фонтаната „Лотус”), повторно ќе ги обедини илјадниците учесници во единствена спортска и урбана атмосфера. Стартот и целта на трката ќе бидат на истата локација, а трасата ќе се одвива по бул. Илинденска и дел од бул. Партизански Одреди, нудејќи динамично и добро познато градско тркачко искуство.
Под мотото „Скопје трча, Скопје расте”, настанот и оваа година ги поврзува спортот, заедницата и урбаната енергија на градот. Организаторите потенцираат дека интересот за трката расте од ден во ден, што дополнително го ограничува бројот на слободни места за учество.
Пријавувањето за трката може да се изврши онлајн, преку официјалната веб-страница на трката. Со оглед на ограничениот капацитет, организаторите апелираат заинтересираните да не го одложуваат своето пријавување.
Организатор на HalkEco Skopje Run 10K е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со атлетските клубови Скопски Маратон и Работнички. Насловен спонзор е Халк Банка, додека покровители се Министерството за спорт и Град Скопје, заедно со бројни партнери и спонзори кои ја поддржуваат реализацијата на настанот.
ХалкЕко Скопје Трча 10КМ 2026 останува една од клучните спортски манифестации во градот, која не само што промовира спорт и здрав начин на живот, туку ја гради и заедницата преку заедничко трчање и урбана енергија.
Следете не, не има насекаде
