мај 4, 2026

Прилеп, 4 мај 2026 – Со пригодна порака по повод 4 мај, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, оддаде почит на македонските револуционери Гоце Делчев и Пере Тошев, истакнувајќи дека нивното дело и жртва се длабоко вградени во темелите на македонската државност.

Проданоски потсети дека на денешен ден во 1903 година загина Гоце Делчев, симбол на револуционерната мисла и борбата за слобода, човек со визија кој верувал во светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Тој нагласи дека пораките на Делчев се актуелни и денес, поставувајќи го прашањето како современото општество ги разбира и применува неговите идеи.

„Одговорот започнува од секој од нас. Со личен придонес и одговорност можеме да создадеме подобро општество, поубав, посовремен и поорганизиран Прилеп, кој ќе биде вистински дом за сегашните и идните генерации“, истакна Проданоски. Тој се осврна и на ликот и делото на прилепчанецот Пере Тошев, кој загина на 4 мај 1912 година, посочувајќи дека како еден од апостолите на македонската револуционерна борба и учесник во креирањето на уставот на ВМРО, претставува гордост за градот и пример за пожртвуваност и визија.

Градоначалникот нагласи дека должност на сегашните генерации е достоинствено да ја негуваат и изразуваат почитта кон овие историски личности, чие дело претставува инспирација за градење на современа и просперитетна држава.

Во својата порака, Проданоски го честиташе и патрониот празник на ООУ „Гоце Делчев“, повикувајќи на континуирано негување на историското наследство и вредностите што ги оставиле македонските великани.

Share

The post Проданоски: Делчев и Тошев го поставија темелот на современа Македонија appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK