мај 4, 2026

Италијанскиот автомобилски бренд Alfa Romeo одбележа шест децении од својот легендарен модел „1600 Spider“, познат како Duetto, со специјален настан во музејот на компанијата во Арезе. Овој култен автомобил првпат беше претставен на Саемот за автомобили во Женева во 1966 година и брзо стана еден од најпрепознатливите спортски модели на брендот.

Во рамки на одбележувањето, беше организиран „Spider Day“, на кој беа изложени бројни историски примероци, а посетителите имаа можност да присуствуваат и на специјално предавање посветено на развојот и значењето на овој модел за автомобилската индустрија.

Попладневниот дел од програмата беше резервиран за изложбата „Spider е Alfa Romeo“, каде и ентузијасти имаа можност да ги прикажат своите возила. Настанот беше концептуално поделен во четири тематски целини, кои ги опфаќаат четирите производни серии на Spider.

Дизајнот на првиот модел му беше доверен на студиото Pininfarina, кое претходно го креираше и Giulietta Spider. Новиот 1600 Spider практично претставуваше наследник на тој модел и беше создаден со цел да го освои американскиот пазар.

За промоцијата, Alfa Romeo организираше уникатна кампања со крстарење на бродот „Рафаело“ од Џенова до Њујорк, со застанување во Кан за време на филмскиот фестивал. На ова патување, околу 1.300 гости имаа можност да уживаат во луксузна атмосфера и да ги видат новите Spider модели изложени на палубата.

Успехот на моделот на американскиот пазар беше брз и значаен. Производството на Spider траеше низ четири генерации, при што последната серија се изработуваше од 1989 до 1994 година. Во текот на целиот животен циклус, беа продадени околу 124.000 примероци.

И денес, овој модел останува симбол на стил и страст, а преку програмата Officine Classiche во Торино, сопствениците имаат можност за целосна реставрација на возилата. Во рамки на процесот, се издава сертификат за потекло и автентичност, со што дополнително се зголемува вредноста на автомобилите и се зачувува нивната оригиналност.

Share

The post Алфа Ромео слави 60 години „Spider“: Легендарниот Duetto и понатаму живее меѓу љубителите appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK