мај 6, 2026

Мексико Сити, еден од најголемите и најгусто населени градови во светот, буквално тоне пред очите на научниците. Најновите сателитски снимки објавени од NASA покажуваат дека мексиканската престолнина пропаѓа со брзина од речиси 25 сантиметри годишно, што ја вбројува меѓу најбрзо тонеќите метрополи на планетата.

Станува збор за мегаград со околу 22 милиони жители и урбана површина од приближно 7.800 квадратни километри. Но, под модерните улици, облакодери и милионските населби се крие сериозен проблем – градот е изграден врз поранешно езеро, а токму тоа денес претставува закана за неговата иднина.

Историски гледано, голем дел од денешниот центар на Мексико Сити некогаш бил исполнет со канали и водени патишта. Остатоци од таа структура и денес постојат во некои рурални делови од градот. Но, со децении интензивна урбанизација и масовно црпење на подземните води, почвата постепено ја губи стабилноста.

Научниците предупредуваат дека токму исцрпувањето на водоносните слоеви е главната причина поради која градот тоне веќе повеќе од сто години.

Последиците се видливи насекаде. Дел од историските објекти веќе имаат значителни оштетувања, а најпознат пример е Метрополитанската катедрала, чија изградба започнала уште во 1573 година. Денес таа е видливо навалена поради постепеното пропаѓање на тлото.

Според најновиот извештај на NASA, во одредени делови од Мексико Сити тлото тоне со брзина од околу 2 сантиметри месечно. Најкритични се зоните околу главниот аеродром и познатиот споменик „Ангелот на независноста“.

Тоа значи дека градот годишно губи во просек околу 24 сантиметри висина, а според мексиканските научници, за помалку од еден век некои делови од градот потонале повеќе од 12 метри.

Геофизичарот Енрике Кабрал од Националниот автономен универзитет на Мексико предупредува дека ситуацијата е исклучително сериозна.

„Проблемот директно влијае врз клучната инфраструктура – метрото, водоводниот систем, канализацијата, патиштата и станбените објекти. Ова е огромен проблем за градот“, изјави Кабрал.

Освен што тоне, Мексико Сити се соочува и со сериозна криза со вода за пиење. Намалувањето на подземните резерви дополнително ја влошува состојбата, а експертите предупредуваат дека идните генерации би можеле да се соочат со уште поголеми последици.

Во некои населби веќе се појавуваат пукнатини на зградите, оштетувања на патиштата и деформации на инфраструктурата. Подземната железница, која секојдневно ја користат милиони луѓе, исто така е изложена на ризик поради постојаното движење на тлото.

Податоците на NASA се добиени преку сателитот NISAR – напреден систем за следење на промени на Земјината површина во реално време. Станува збор за заеднички проект на американската и индиската вселенска агенција.

Сателитот не ја следи само површината, туку овозможува и увид во процесите што се случуваат под земјата. Научникот Пол Розен објаснува дека оваа технологија дава целосна слика за промените што се случуваат во градот.

„Сега можеме јасно да го видиме вистинскиот размер на проблемот. Ова е документација на сите промени што се случуваат во градот“, изјави Розен.

Во иднина, научниците очекуваат технологијата да овозможи следење дури и на поединечни згради и критични инфраструктурни точки.

Покрај Мексико Сити, системот NISAR ќе се користи и за следење на земјотреси, вулкански активности, климатски промени и движења на ледниците на Антарктикот. Научниците веруваат дека ваквите системи во иднина ќе овозможат порано предупредување за природни катастрофи и навремени евакуации на населението.

Според експертите, проблемот со тонењето на Мексико Сити бил игнориран со децении. Освен повремени интервенции за стабилизација на историските објекти, немало сериозен системски пристап.

Но, по последните влошувања на водната криза и драматичните податоци од NASA, мексиканските власти почнале да вложуваат повеќе средства во научни истражувања и стратегии за справување со проблемот.

„За да можеме долгорочно да ја ублажиме ситуацијата, прво мора целосно да ја разбереме“, предупредува Кабрал.

Мексико Сити денес е пример како комбинацијата од климатски промени, пренаселеност и прекумерно користење на природните ресурси може да создаде закана за цел еден мегаполис.

Share

The post НАСА откри драматична промена: еден од најголемите градови во светот тоне со алармантна брзина appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK