мај 7, 2026

Во Прилеп денеска официјално беше пуштено во употреба новото Собирно место за селекција и одлагање на отпад, кое претставува значаен чекор кон воспоставување на поорганизиран, поодржлив и поеколошки систем за управување со отпадот во градот.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, информираше дека паралелно со отворањето на новото собирно место, во Прилеп пристигнало и ново специјализирано возило за подигање отпад, обезбедено преку Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од Регионалната програма за управување со цврст отпад.

„Од денес, граѓаните на едно место ќе можат правилно да одлагаат електричен и електронски отпад, текстилен отпад, стаклена амбалажа, хартија и пластика. Ова е почеток на еден нов системски пристап во управувањето со отпадот и важен чекор кон почист и поуреден Прилеп“, истакна Проданоски.

Собирното место се наоѓа на улицата „Трајко Николоски“, пред влезот на гаражите на ЈКП „Комуналец“, на локација со 24-часовен надзор и контролирани услови за користење.

Комуналната опрема за собирање на електричен и електронски отпад е обезбедена од колективниот постапувач „Ел Колект“, кој согласно законските обврски ќе го собира, транспортира и рециклира отпадот. Граѓаните таму ќе можат да одлагаат мали домашни апарати, ИТ и компјутерска опрема, телефони, кабли, светилки, монитори и друг вид електронски отпад.

Во рамки на собирното место поставено е и „ѕвоно“ за стаклена амбалажа, како и контејнери за ПЕТ амбалажа, хартија и картон, со што ќе им се овозможи и на граѓаните кои не се дел од системот за куќна селекција активно да се вклучат во процесот на правилно управување со отпадот.

Во соработка со колективниот постапувач „Тексомак“ и кампањата „Селектирај отпад“, започнува и системско собирање на текстилен отпад. Граѓаните текстилниот отпад ќе можат да го одлагаат во собирното место пред ЈКП „Комуналец“, во кругот на „Комфи Ангел“, или преку апликација да пријават подигање отпад директно од нивниот дом.

Проданоски најави дека Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ веќе работат и на проект за изградба на современ собирен центар каде ќе се селектираат најмалку 30 видови отпад, согласно современите стандарди и законски обврски.

„Продолжуваме со инвестиции во модерна комунална инфраструктура и проекти кои директно придонесуваат за почист, поздрав и поуреден Прилеп“, порача градоначалникот.

Share

The post Прилеп со нов центар за селекција на отпад – фокус на екологијата и одржливоста appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK