ВЛЕН соопшти дека нивното обединување во единствен политички субјект претставува историски момент кој, како што велат, ја испраќа старата политика во минатото и отвора нова епоха на реална еднаквост за Албанците во Северна Македонија.
Од коалицијата велат дека ја разбираат „паниката“ кај ДУИ, која според нив произлегува од новата политичка реалност што се потврдила на 9 мај.
„Се покажа спротивното од она што се пропагираше две години – ВЛЕН не само што не се распадна, туку се обедини во единствен политички субјект. Пет партии во заедничка структура претставуваат историско достигнување и нова, поконсолидирана политичка сила“, велат од ВЛЕН.
Во соопштението се наведува дека обидите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за обединување на партиите од коалицијата НАИ во единствен политички субјект пропаднале уште на самиот почеток поради, како што велат, јасно одбивање од неговите политички партнери.
Од ВЛЕН сметаат дека тоа е дополнителен доказ за внатрешната криза во тој политички блок.
„Од една страна е ВЛЕН со јасна визија за реформи и развој, а од друга страна е ДУИ, нереформирана и оптоварена со скандали. Оваа спротивставеност меѓу новото и старото ќе го одреди правецот на политичкото претставување на Албанците“, стои во реакцијата.
Коалицијата нагласува дека нивниот фокус е насочен кон, како што велат, достоинствен, еднаков и институционално силен Албанец во државата.
„Нашата заложба е за реална застапеност во сите институции и еднаквост што ќе се чувствува во пракса, а не само на хартија. ВЛЕН ќе обезбеди правата на Албанците да не бидат симболични или предмет на дневно-политички пазарења“, порачуваат од коалицијата.
Во соопштението се додава дека државата треба целосно да го гарантира користењето на албанскиот јазик, правичната застапеност и еднаквиот пристап во институциите, со цел создавање праведен и функционален систем за сите граѓани.
The post ВЛЕН: Нашето обединување ја менува политичката сцена и отвора нова ера за Албанците appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
