мај 14, 2026

Општина Пробиштип продолжува со интензивни инфраструктурни активности и во урбаните и во руралните средини, а во фокусот се реконструкција на локални патишта и обновување на дел од најстарите градски улици.

Градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, во гостување на ТВ Стар информираше дека во тек е целосна реконструкција на патниот правец помеѓу селата Долни и Горни Стубол, кој со години претставувал сериозен проблем за жителите.

„Се работи на целосна реконструкција на тој патен правец којшто беше речиси и непрооден за лесни возила“, изјави Тоневски.

Според него, паралелно се реализираат активности и на патниот правец кон селото Кундино, каде што зафатите се во завршна фаза. Со овие проекти, како што посочи, значително ќе се подобрат условите за движење и поврзаноста во руралните делови на општината.

Истовремено, Општина Пробиштип започна и реконструкција на улицата „Ленинов плоштад“, една од најстарите и најпрепознатливи улици во градот.

Тоневски истакна дека при реконструкцијата се води сметка да се зачува автентичниот изглед на улицата, која е карактеристична по базалтните коцки.

„Се работи за една од најстарите улици во Пробиштип којашто е единствена со базалтни коцки и ние се потрудивме да останат тие базалтни коцки“, нагласи градоначалникот.

Тој додаде дека зафатите се насочени кон техничко подобрување на улицата без нарушување на нејзиниот препознатлив изглед.

„Се работи само на нивно прередување“, посочи Тоневски.

Проектот предвидува и уредување на тротоарите, поставување ново улично осветлување и подобрување на останатата инфраструктура, со цел зголемување на безбедноста и функционалноста во централното градско подрачје.

Со реализацијата на овие инфраструктурни проекти, Општина Пробиштип продолжува со активности насочени кон модернизација на градот и подобрување на условите за живот во руралните средини, со фокус на подобра поврзаност, безбедност и поквалитетна инфраструктура за граѓаните.

Share

The post Тоневски: Општина Пробиштип инвестира во патишта и урбана инфраструктура: Во тек повеќе реконструкции appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK