Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, денеска присуствуваше на промоцијата на нова современа медицинска опрема во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп, заедно со директорот на установата, директорот на ФЗОМ Сашо Клековски, пратеници од регионот, како и началници и лекари од болницата.
Станува збор за два нови високо-софистицирани медицински апарати: дигитален тавански рентген систем со безжичен пренослив детектор и прилагодлива маса за пациенти, набавен со сопствени средства на болницата во вредност од 9.309.020 денари, како и кабинет за видео-ЕЕГ за педијатриски пациенти, прв ваков апарат надвор од Скопје, набавен преку донација од компанијата ВИК во вредност од околу 1.700.000 денари.

На настанот беше истакнато дека општествено одговорни компании континуирано придонесуваат за унапредување на здравствените услуги и условите за работа во болницата.
Директорот на болницата Кире Јоноски беше поздравен за, како што беше наведено, посветеното и домаќинско работење, преку кое се реализираат значајни инвестиции и модернизација на здравствената опрема.

Болницата која опслужува околу 120.000 жители од регионот, и покрај староста на дел од инфраструктурата, во изминатиот период има реализирано инвестиции од над 50 милиони денари во нова опрема, вклучително во урологија, ортопедија, стерилизација и гинекологија, како и обновување на одделенија и воведување нови методи на лекување.
Исто така беше посочено дека некогашната долговна состојба од над 200 милиони денари е консолидирана на околу 109 милиони денари, како резултат на финансиска стабилизација и поддршка од надлежните институции.
Со новите инвестиции, како што беше истакнато, се продолжува процесот на модернизација на здравствениот систем во Прилеп и регионот, со цел подобра и поквалитетна здравствена заштита за граѓаните.
The post Проданоски: Новата медицинска опрема ќе донесе побрза и поквалитетна здравствена услуга во Прилеп appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
