По повод Денот на пожарникарството, беше упатена честитка и изразена длабока благодарност до сите пожарникари за нивната пожртвуваност, храброст и несебична служба кон граѓаните.
Во обраќањето беше истакнато дека пожарникарите се херои на секојдневието – луѓе кои секогаш се први таму каде што опасноста е најголема и кои секојдневно ги ризикуваат сопствените животи за да спасат човечки животи, домови и имоти.
Беше нагласено дека пожарникарството не е само професија, туку повик што бара исклучителна дисциплина, човечност и посветеност.
„Хероизмот заслужува почит, но и поддршка. Храброста заслужува благодарност, но и современа опрема, подобри услови и силен систем што ќе стои зад пожарникарите”, беше посочено во обраќањето.
Воедно, беше одбележан и значајниот јубилеј – 190 години од формирањето на првата противпожарна единица во Македонија, како доказ за долгата традиција на организирана заштита, пожртвуваност и служба кон народот.
Беше истакнато дека модернизацијата на Противпожарната бригада на Град Скопје останува силен приоритет, при што веќе е завршен спортскиот комплекс во рамки на бригадата, со цел подобрување на физичката подготвеност и условите за работа на пожарникарите.
Во наредниот период, најавени се активности за дополнително унапредување на опремата, условите за работа и оперативната подготвеност на противпожарните служби.
На крајот од обраќањето, беше упатена искрена честитка до сите пожарникари со желби за добро здравје, мирни смени и безбедно враќање кај своите семејства по секоја интервенција.
„Граѓаните знаат дека кога ќе ги видат пожарникарите, помошта пристигнала. Тоа е доверба што се гради со години, со храброст, пожртвуваност и чесна служба”, беше порачано по повод Денот на пожарникарството.
Следете не, не има насекаде
