Европската Унија сè поинтензивно работи на намалување на зависноста од американските платежни гиганти „Visa“ и „Mastercard“, но планот за воведување на дигитално евро веќе предизвикува сериозни поделби меѓу Европската централна банка (ЕЦБ) и финансискиот сектор.
По големиот раст на безготовинските плаќања во периодот по пандемијата, зависноста на еврозоната од американските компании значително се зголеми. Според податоците, компаниите обработуваат речиси две третини од сите плаќања со картички во земјите кои го користат еврото, додека компании како PayPal и Apple дополнително го проширија своето влијание.
Европските претставници сметаат дека суверенитетот во плаќањата станува стратешки приоритет во услови на сè понестабилен глобален поредок и растечки ризици од политички и економски притисоци.
Во рамки на оваа стратегија, Европската централна банка планира до 2029 година да воведе дигитално евро и да стане гарантор на дигиталните паричници, додека практичната имплементација би ја вршеле приватни компании и банки.
Но, токму оваа идеја предизвикува загриженост кај банкарскиот сектор.
Банките стравуваат дека граѓаните би можеле да префрлат дел од своите средства во дигитални паричници, што потенцијално би влијаело врз нивните приходи и ликвидност.
Во исто време, приватниот сектор веќе подготвува сопствени решенија. Европски конзорциум најави дека до крајот на годинава планира да пушти криптовалута поврзана со еврото, а во проектот веќе учествуваат 37 финансиски институции, меѓу кои италијанските банки „UniCredit“, „Intesa Sanpaolo“ и австриската „Raiffeisen Bank International“.
ЕЦБ планира бесплатно да обезбеди инфраструктура за дигитални плаќања во евра, како и ограничување на провизиите што трговците ги плаќаат за нивно користење.
Според пресметките базирани на податоци на ЕЦБ, ваквото ограничување би можело да ги намали приходите на приватниот платежен сектор за меѓу осум и девет милијарди евра годишно.
Во моментов, трговците во еврозоната трошат околу 3,75 милијарди евра годишно само за прифаќање плаќања со дебитни картички. Околу половина од тие средства завршуваат кај платежни мрежи надвор од Европската Унија, а останатиот дел кај банките.
За да се намали влијанието врз финансискиот систем, се разгледува ограничување на дигиталните паричници на максимален износ од 3.000 евра.
Сепак, критичарите предупредуваат дека паралелното постоење на повеќе системи може да донесе нови ризици, како кибернетски напади и технички дефекти.
Поранешниот висок функционер на ЕЦБ, Улрих Биндсајл, остро реагирал на идејата за ограничувања, нарекувајќи ја „сериозен пораз“.
„Очекуваме парите на комерцијалните банки да бидат подредени на парите на централната банка, а не обратно“, изјавил Биндсајл.
Додека Европа се обидува да создаде поголема финансиска независност, останува отворено прашањето дали дигиталното евро ќе стане револуција во плаќањата или ќе отвори нови судири меѓу институциите и финансискиот сектор.
The post Европа сака да ја прекине зависноста од Виза и Мастеркард: Дигиталното евро предизвикува жестоки реакции appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
